Од Book’s House, ни соопштија интересна вест која би ги интригирала љубителите на книги. Зборуваме за авторот Ване Николоски, кој ќе биде гпостин во книжарата на 21 Август во Понеделник. Инаку, за македонската публика, Николоски е познат по својот роман „Надеж“.
Дружењето е закажано во 17 часот, а ќе трае до 19 часот. Имено, романот „Надеж“ на Ване Николоски е универзална приказна за доблеста, љубовта, надежта, пожртвуваноста.
Пораката е јасна според насловот, па така авторот ја враќа довербата во сето она што е доблесно, оној човек што се бори да стигне до врвот, без разлика на животните околности. Вредностите, емпатијата и надежта на крај се оние кои победуваат. Николоски маестрално го користи перото и создава автентичен лик – Адам Џонс Попов.
Преку главниот лик, страниците откриваат чудесна приказна за едно сираче кое расти во домот за деца без родители.
Со грандиозна леснотија, Ване го црта Адам како човек кој изградува една цврста личност што ги добива сите битки. Без оглед колку е трнлив патот, Џонс Попов продолжува да се бори, штитејќи го семејството, чувајќи го она што се нарекува човечко достоинство.
Николоски за пораката на „Надеж“ ќе истакне:
„Пораката на романот е тоа дека основните вредности се универзални, без оглед каде живееме, во кој град, село, држава, тие вредности надежта, пожртвуваноста, љубовта, и доблеста се исти. Ликот на Адам е изграден врз тие вредности. Тие вредности денес ги губиме. Читателот преку романот го враќам во едно поинакво време“
„Одбрав стил при што се задржувам на емоциите преку кои го движам читателот обидувајќи се да не го испуштам, да го држам заинтересиран. Денес живееме во време на дигитализација и луѓето повеќе визуелно ги примаат работите и многу малку има емоција. Ние за жал ги губиме емоциите. А романот токму се случува во време кога не постои таа дигитализација. Би рекол во мое време, роден сум 1966 година, значи од тој период до доцните 80-ти години“ – ќе забележи авторот за mvm.mk уште во 2022.
На 21 Август во 17 часот, „на муабет“ со Ване Николовски. Повелете и уживајте во присуството на авторот кој вреди да се слушне и награди со аплауз.