По подолга пауза, актерите препознатливи по комедии, видеа, скечеви и филмови, повторно се враќаат таму каде што е најживата енергија. На театарската сцена. Нивниот нов проект, театарската претстава со работен наслов „Европа или смрт“, претставува динамична и актуелна сценска приказна која ја отсликува денешницата низ призма на балканскиот менталитет.


Со доза на хумор, иронија и препознатливи ситуации, претставата отвора прашања за тоа кои сме, каде одиме и зошто толку тешко се менуваме.

„Тензично е тука, а во светов, да не разговараме“, велат низ смеа актерите, најавувајќи една приказна во која апсурдот станува реалност, а реалноста повод за смеа.
Пред да започне процесот на создавање, тимот си поставил едноставно, но суштинско прашање: што ни недостасува? Одговорот бил јасен – искрената насмевка. Онаа од душа. Затоа оваа претстава не е само комедија, туку обид да се потсетиме кога последен пат сме се смееле вистински.
Текстот е на Мирољуб Недовиќ, а низ сцените се провлекува апсурдот на македонскиот менталитет. Бесконечниот инает, самоуништувањето и постојаната борба со промените.
Во претставата играат:
Никола Тргачевски – Кумба,
Елена Наумовски Трпковска
Душан Кузевски.
Премиерата ќе се одржи на 29 април во Домот на култура во Македонски Брод, со почеток во 19:00 часот. Билетите ќе бидат достапни преку локална продажба и телефонски резервации. Деталите се достапни во видеото подолу.
По премиерата, претставата ќе започне турнеја низ повеќе градови низ Македонија, а битолската публика ќе има можност да ја погледне во септември.
„Европа или смрт“ е претстава што не нуди одговори – туку прашања. И смеа. Многу смеа.
