Образованието како вредност, не само како мерка – Колумна на Соња Ризоска Јовановска, универзитетски професор

Како човек кој 30 години активно работи во образованието и науката (во државни и приватни научно – образование институции), не зборувам од позиција на моќ, туку од позиција на одговорност.

Не сум дел од политичката фела, ниту некогаш сум била. Но, секогаш сум била дел од последиците на секоја нејзина одлука и токму затоа сметам дека имам право да проговорам за суштинските критериуми коишто мора да бидат значајни. Факт е дека не потфрливме одеднаш. Потфрлуваме постепено кога образованието и науката ги сведуваме на административни и пазарни категории, кога почнавме да прашуваме „колку“ пред „зошто“, и кога критериумите ги претворивме во цел, а не во средство.

Образованието како вредност, не само како мерка - Колумна на Соња Ризоска Јовановска, универзитетски професор

Денес сите сме сведоци дека имаме систем во кој:

  • -Вредноста се мери преку бројки, додека влијанието врз општеството останува невидливо;
    – Научникот не само што создава, туку мора и да се позиционира, финансира и „продава“;
    – Наставникот се формализира, а студентот се сведува на собирач на поени;
    – Оригиналната мисла се стеснува под притисок на прилагодување.

Ова не е слабост на поединците. Ова е поставеност на системот. Мора да се запрашаме, каде ќе отиде образованието ако продолжиме вака? Каде ќе отиде науката ако ја сведеме на трка без смисла? Каде ќе отиде човекот ако го замениме со индикатор?
Затоа, во името на сите што вистински создаваат, тивко, посветено и одговорно чувствувам обврска да проговорам:

Не создавајте закон што ќе наградува формално исполнување, а ќе ја занемари суштината.

Не создавајте систем во кој ќе напредуваат оние што знаат да се позиционираат, наместо оние што знаат да создаваат.

Не дозволувајте образованието да стане механизам за производство на мерливост, а науката само средство за видливост без значење.

Можеби е време да почнеме од обратната страна. Да изградиме критериуми што ќе мерат и влијание, не само продукција.
Да препознаеме наука што отвора хоризонти, не само што исполнува формати. Да заштитиме наставник што создава личности и вредности, не само што исполнува норми.
Да поддржиме студент што мисли, а не само да репродуцира. Да создадеме закон што ќе овозможи создавање без постојана пресметка, без страв дека вредноста зависи исклучиво од видливоста, без сведување на науката на пазарна логика, без губење на човекот зад резултатот.

Сакам да нагласам дека ова не е повик против регулативата, туку е повик за нејзино достоинствено издигнување. Образованието и науката не се само системи што треба да функционираат. Тие се најдлабоката инвестиција во човекот. Во неговата способност да мисли, да создава и да ја менува реалноста. Затоа, време е да размислиме за суштинските параметри: да не го мериме човекот за да го вклопиме во системот, туку да градиме систем кој ќе го развива човекот.

Сè друго ќе помине како закон, но само ова ќе остане како вредност. И тоа не смееме да го заборавиме. Можеби е време конечно да започнеме да се мериме по смислата што ја создаваме и по влијанието што го оставаме, а не по бројките што ги произведуваме, ниту по видливоста што “моментално нè уверува” дека „нешто“ сме направиле за идните поколенија.

Да се вратиме од индикатор кон човек.

Пишува: Соња Ризоска Јовановска – Редовен професор на Факултетот за психологија, МСУ

[post_tags]