Свесност:LIVE sessions – Машките приказни што ги отворија вратите на нова култура на разговор

Свесност:LIVE sessions – Машките приказни што ги отворија вратите на нова култура на разговор

Во Битола се одржа првото издание на Свесност:LIVE sessions, концепт креиран за да отвори простор за искрен, зрел и терапевтски дијалог во урбана средина. Иако се случи во последните денови на ноември, месец што традиционално се поврзува со машкото и менталното здравје, тимот зад Свесност свесно реши да го напушти трендот на MOVEMBER и да го врати фокусот кон суштината: разговор, а не маркетинг.

•Кои се „Свесност“?

„Свесност“ е тим од пет лиценцирани психотерапевти од Битола, кои работат во областите на современа психотерапија, психоедукација и ментално здравје:
   •   Марина Кузмановска
   •   Катарина Крстевска
   •   Рената Димановска
   •   Вики Тодоровска
   •   Љупчо Кимовски

Тие ја развија платформата Свесност:LIVE како отворено место за вистински разговори, надвор од терапевтската ординација, поблиску до секојдневието и луѓето.

•Четири мажи, четири вистини

На првата сесија гостуваа четири различни гласови од спорт, медицина, медиуми и секојдневие и сите дојдоа со истата намера: да зборуваат искрено.

Стефче Стефановски – ракометна легенда, поранешен репрезентативец и селектор на националниот тим, зборуваше за тишините што ги знае само тимот, за падовите што никој не ги гледа и за тоа што значи да останеш лидер и кога резултатот не е на твоја страна.
„Силата мораш да ја извадиш од себе, затоа што друга опција нема. На терен тимот ти држи грб, но во главата одиш сам.“ – е една од неговите бројни изјави.

Зоран Мишевски човекот што со години им дава глас на други, а овојпат зборуваше за себе.
32 години спортско новинарство, илјадници преноси, генерации спомени.
Зоран зборуваше за животот зад микрофонот, за моментите кога јавноста ги слуша резултатите, а тој ги слуша сопствените стравови. Тој меѓу другото изјави: „Кога се обидуваме да ги контролираме нештата тогаш чувствуваме најмногу стрес. Јас цел живот работам работа во која контролата не постои.“

Третиот гостин беше Д-р Игор Спироски кардиологот што зборува и за срцето што не се гледа на ЕКГ.
Познат интервентен кардиолог, дваесет години дел од Клиниката за кардиологија, сега дел и од тимот на Клиничката болница Битола.
Д-р Спироски отвори тема што ретко се слуша од лекар, а тоа е психолошката страна на срцето.
„Мозокот е второто срце. А срцето е втор мозок. И двете болат, и двете лекуваат.“ – кажа тој.

Љупчо Кимовски ја водеше вечерта како вистински терапевтски простор, не како панел, туку како средба.
Со смиреност, слух и вистински поставени прашања, ја извлече суштината: дека мажите навистина сакаат да зборуваат, само им треба место што не ги тера да глумат.
„Кога разговорот е искрен, нема публика има луѓе.“ – кажа тој

  • Зошто токму ноември, и зошто токму вака?

Ноември одамна е месец на менталното и машкото здравје, но движењето MOVEMBER низ годините стана повеќе симбол отколку суштина.
Мустаќите ја покрија пораката, брендовите ја покрија потребата, а разговорот исчезна.

Свесност не сака да биде дел од тренд, туку дел од решение.
Затоа велат:
„Започнавме во ноември, но не завршуваме во ноември.“

Ова е само првата сесија.
Следната тема ќе ја објават наскоро.

“Свесност не е месец.
Свесност е навика.”-упатија порака организаторите.

фотограф: Јани Патче
локација: Училница
музичко друштво: BerryQyat

ПР текст

[post_tags]