БИТОЛА Честит 4 ти Ноември! – Разбуди се во Битола со кафе и мирис на магнолија!

Битола 4 ти Ноември

Битола е приказна, Битола е конзулска, боемска, епска… Светилник на се она што било, на она што е и она што ќе биде.Разбуди се во Битола, разбуди се и потсети се на 4 ти Ноември! Кога одново ја родија нашата Битола!

Битола 4 ти Ноември

Фотографии на Агим Џело

Битола е песна, љубов…Малку кај саатот, малку во чаршија, малку на Тумбе кафе. Битола е кафето на Широк Сокак. Брендот на кабадаите. Битола е секогаш нова отворена визија, нова страница, нова мисла, идеја, секогаш одново искажана поезија. Разбуди се во Битола и потсети се на 4 ти Ноември! Слави го овој датум!

Bitola 4 ti Noemvri Битола 4ти Ноември

Фотографија на Диоген Хаџи Коста Милевски

Битола е Елени Каринте и Кемал. Таа е зародишот на уметноста. Битола е Манаки, театарот, музејот… Срдечното „Добро утро“ на пекарот дури ти го дава топлиот симит, звукот на гитарата дур ти ја пеат во кафеана „Налеј налеј“,„Ако одам во Битола“, „Бељот ромбељот“. Битола е планинскиот чај кој мириса на моликата од Пелистер. Малиот Момнмартр. Душата на Европа и срцето на светот.  

Битола е муабет и трач од Јенимале до чинарот, од Солунска до Камен мост, па назад до Маџар Маало и Сали. Битола е страст, љубов, дотерани чупиња, високи потпетици и елеганција. Брендот и бардот на уметноста, крикот за урбаното, тетарските сцени и зародишот на доајените на целото македонско глумиште, на пејачите, филмаџиите!

Разбуди се во Битола, разбуди се кај саатот со мирис на магнолија, на кафе, со добро друштво и една љубовна приказна во срцето на светот.

Bitola 4 ti Noemvri Битола 4ти Ноември

Фотографија на Диоген Хаџи Коста Милевски

БИТОЛА Честит 4 ти Ноември! Градот од кој се родија сите мои и твои приказни!

Пишува Елена Трпковска Наумовски