Си имам јас пријатели со кои решаваме дилеми. Уз кафе, или винце или на крај… Пријатели кои си ги имаш како сопствени мисли (гости) низ главата на прошетка по јануарски студ и во таа зима што редовно не изненадува. И дури ни крцка под дебелите чизми тој снег и зима што ти прави илузија и не знаш дали е романтично или само ти студи, те удираат филмови. Те удираат филмови за тоа колку си вистински во овој свет. Се потсеќаш на тогаш и се прашуваш кога си успеал да се оддалечиш толку од себе си. И следи прашање… Дали е стварно толку убава улицата како од честитки или само ти студи?!
Некој еднаш рекол… Цитирам од Pinterest, оти скролав до сабајле, ко секој ,,нормален” човек кој не по свој избор заглавил со таа ,,Z” генерација:
,,Водата нема ефект врз вештачки цвеќиња! “
И ми удри шамар муабетов. Што е вештачко и колку ,,даваме” од нас за да бидеме природни? А потоа упорно налеваме вода врз тоа цвеќе и нема ефект. Па нормално дека нема. Кога се е феик. Од тука, која е животната иронија? Да црташ цвеќе на лист хартија, си велам. Да пишиш книга, место да ја живееш.
Единственото нешто што стои помеѓу нас е реалноста… Си заклучив.
А деновиве, таа е сурова. Си го топли задникот над дебели фотелји и не го запира светот поради нашата болка. Ја гледаш таа реалност зад шалтер, ја гледаш во жута штампа и сочен трач што за миг ги прави живи. Ја гледаш во секој минувач кој носи облак над главата со куп тежини за сметки, во куфери и борба во обесправено општество и среќа што се крепи на маргини. Ја гледаш во навидум урбан свет кој оди на концерти на класична музика, а не сфаќа оти музиката пее за оние што немаат. Оние што немаат љубов, што немаат за корка леб, а се брилијантни умови. Што немаат среќа, ксмет или што не биле толку ,,итри” да се снајдат. Ја гледаш таа реалност во многу бракови, пријатели, карикатури и гротески и тажни луѓе кои седат на прозорец во огромни куќи, а прозорецот… со затворски окови.
Ја гледаш таа реалност во брда и долини и ветувања на министри, во судии и секој што ти суди, во влади.. Ја ѕиркаш на кратки „совршени“ рилсчиња и стори на социјални мрежи и баук ефтини, клише и безвезни содржини кои ти го трошат времето и те тераат да сфатиш.. Да сфатиш оти си потрошил толку часови и немаш време да ти е досадно. А имаше нешто и во тоа досадно, си велам.
Единствената пречка е реалноста. Што стои ко бодликава жица под високи потпетици. Реалност што се влечка како змија и ти продава пуфки оти има норми. Правила, етика, принципи. Реалност каде секој е мудар и има што да кажи. Секој се знае за љубов, за успех.. За срам, за гордост, за его.. Бизнис, амбиции…
Еднаш некогаш некој рекол:
,,Смрт.
Именка женски род. Значење: Културен пристап од страна на животот да ти даде отказно решение”.
Е сега зошто би се дало тоа. Зашто понекогаш (несомнено) ја посакуваме таа именка, а она што на крај не може желудникот да ни го свари е тоа што отказното решение или смртта, може да те начека жив. Вреди ли да се живее како вештачко цвеќе? И постојано да го полеваш тоа цвеќе иако знаеш дека нема да порасне?
,,Друго е депресија, друго е да го посакаш тој отказ” – ми рекоа пред да навлезам во темава со моите ,,гости” . Исто е, реков. Само зависи колку ќе си жив кога ќе те начека, си помислив после тоа во себе. Колку ќе си себичен. Оти и едното и другото е себично.
Но, проклето посакуваш барем еден миг да го извадиш тоа природно малечко цвеќе и да го мириснеш. Да те врати на тоа што си. Да не си феик. Да го мирисниш и да се сетиш оти до толку ти досадило да се преправаш дека си нормален во таа ,,нивна” реалност и да си признаеш дека сакаш барем за кратко да се вратиш на она што си. Да си луд. Искрен. На тоа мало ситно природно да се вратиш. Цвеќе кое не си успеал да го полееш. Цвеќе кое си мислел оти никој нема да го види. Оти ти било срам да му го покажеш на светот. Како го гледаш… Оти си се откажал од него. Некогаш. Од љубов си се откажал. Себично е да размислуваш за смртта. Себично е да си даун, но најсебично е без таа секунда каде барем еднаш нема да си феик.
Но, што ако се што ќе помислиме стане ,,наша” реалност? Би требало да не заборавиме дека ќе бидеме пак дел од нивната ,,идеологија”. И сакале или не, одново ќе бидеме тој вештачки цвет кој ќе го полеваме со вода и пак ќе се чудиме зошто не расте. Подобро е да го скриеме тој малечок, ситничок, вистински и природен цвет, кој цути само кога ќе си ја дозволиш таа секунда. А потоа пак стануваш ,,нормален”.
Има ли во нашето општество простор да бидеш она што си?!
Ја отклучив вратата. Ги тропнав чизмите од земја за да испадне снегот и штом ја почувствував топлината во домот, по сите правила на нештата, физички и не знам какви закони, требаше да сфатам дека надвор е проклето ладно. Но, го мириснав тој цвет. Го мириснав снегот. Го гушнав… И ми кликна оти е романтична зимава. Некој гледа само снег, некој гледа само студ, но некој може да ја види убавината. Барем минутка кога ќе си признае… Кога ќе се сети кој е и што нему му е убаво, а не ним.
Пишува: Елена Трпковска Наумовски–Нена