Спектакуларноста на модното парче не е во мигот кога истото само ќе го носиме над модна писта како финиш.
Приказната започнува многу од поодамна. Се измислува, инспирира, креира. Во модата нема правила. Па ако јасно ја окарактеризираме како уметност, таа е слободна енергија, феникс кој не паѓа на ,,првиот ни на последниот испит”. Знае само да создава и одново да измислува. А има ли нешто поубаво од тоа, да се создава? Од тоа, да се креираш? Токму затоа е,,Креативен ден”. Околу ова си поразговаравме со Александар Ортаковски – моден дизајнер. Со дамата што ќе ја носи креацијата – Јасмина Ортаковска и ученичката Маја Автаровска. Имено станува збор за еден од тимовите кој се потпишува како дел од мозаикот на оваа модна визија. На настанот кој истовремено е и линк помеѓу обрзаованието и бизнис секторот. „Креативен ден“, ќе се одржи на 1ви Јуни (Сабота) во 20:00 часот во просториите на КИЦ Офицерски Дом Битола.
За потсетување Креативен ден е идеја на ПРОФЕСОРКИТЕ АНИТА СТЕФАНОВСКА, ЕМА ЌУКА И ЖИВКА ТАНУШЕВА ИЦАНОСКА ОД ТЕКСТИЛНАТА СТРУКА ВО СОУ „ТАКИ ДАСКАЛО” БИТОЛА И ВЕСНА БОЖИЛОВИЌ ОД ПРОДУКЦИЈАТА „БОЖИЛОВИЌ”. Нивната автентична идеја поттикнува враќање на довербата и имиџот на стручните училишта. Настанот, поврзан со модата е линк помеѓу образованието и бизнис секторот. ,,Perwoll Renew”, со задоволство се приклучи на идејата. Веднаш потоа и други брендови го поддржаа овој уникатен проект. Модни дизајнери заедно со учениците, младите, креираат. А потоа познати и успешни дами имаат уникатно задоволство да ги носат нивните модели.
Овој пат, тимот лично навистина ме воодушеви. Интензивно моќни емоции, расплетена фузија од креативни идеи и импулс кој знае што сака. Оваа екипа стварно ни направи т.н. ,,креативно амбициозен ролерокстер од емоции” како момент на самоосвестување што дури го пиевме кафето во Бела куќа, потсети дека уметноста и поривот кон истата сеуште дишат во овој град. Муабетот ме врати во младоста, во тие денови кога немаше апсолутно никаква дистанца и бариера помеѓу соништата и фактот дека секогаш се остваруваат доколку го негуваш тој сензабилитет или несомнено кретивен порив. И откако Александар го разбуди еуфорично муабетот со едно: „Сакам“; „Oтсекогаш сум сакал…“; и… „Знаев дека ова ќе гo работам“, го запрашавме:
РАЗБУДИ СЕ: „Чипка – најубава имитација на фантазијата на природата. А бисерите се секогаш добредојдени. – Коко Шанел“ Шанел имала модна визија и веројатно класични правила кон кои стремела… Што се случува во модното дизајнирање? Требаат ли тие правила или доколку постојат, би се изгубила ли креативноста? Би се надоврзале на Коко и затоа ве прашуваме како професиоаналец, дали постои план и шема за креирање на финален моден „производ“?
Во модниот дизајн, како и во секоја креативна професија, во секоја уметноста постојат одредени правила и шеми. Но, јас стојам зад тоа дека правилата се создадени за да се прекршат. Според мене уметник кој не знае да излези од зададениот патоказ, е уметник кој нема иновативност, а без иновации модата никогаш немаше да биде она што е денес. За мене кршењето на правилата во модниот свет претставува желба да се создаде нешто ново и досега невидено, и стремеж да се испише ново поглавје во модната историја.
И самата Коко Шанел, една од моите омилени модни протагонисти, била и меѓу првите модни револуционери кои ги срушиле веќе постоечките шеми на модниот свет и поставиле нови правила, вовеле нови формули кои денес за нас претставуваат ,,класични правила”.
РАЗБУДИ СЕ: Светот се соочи со глобален проблем поради прекумерната потрошувачка, како и неконтролирано одлагање на тој текстилен отпад! Дали идејата на настанот се концентрира кон овој проблем? Како вие гледате на оваа проблематика?
Живееме во време на најголемо загадување од постоењето на човештвото. Сето тоа е разултат на алчноста и себичноста на поединци кои, за жал, ставаат акцент на профитот и по цена на човечки живот. Лично јас, како дизајнер, секогаш се стремам да работам на принцип “zero-waste”, и сметам дека тоа е една од најефективните пракси која го минимизира влијанието врз животната средина преку намалување на текстилниот отпад на депониите и зачувување на ресурсите. Несомнено, на овој настан, заедно со професорките и учениците од насоката за дизајн на облека при СОУ„Таки Даскалo” – Битола, обрнуваме посебно внимание на таа проблематика, што ми претставува огромно задоволство, и е една од причините зошто, од сесрце повторно прифатив да бидам дизајнер-ментор.
Со посебна софистицираност,е леганција и шармантност, една дама блескаше меѓу редовите. Јасмина Ортаковска е успешната жена која ќе ја носи креацијата, па околу модниот универзум и насатанот, ја запрашавме.
РАЗБУДИ СЕ: Јасмина која е моќта на жената? Како дамата придонесува за овој настан да биде посебно акцентиран?
Моќта на жената е неограничена. Впрочем моќта како и се друго во животот, има граници само ако сами си ги поставиме. Карактерот, самоувереноста и сензибилитет на жената се најголемите двигатели и градители на нејзината моќ и токму облеката е еден од клучните поттикнувачи на таа самодоверба-моќ. И тоа е клучот, сите овие дами кои се, биле и ќе бидат вклучени во овој прекрасен настан со своето искуство и пред сѐ со своите различни карактери и сензибилитети придонесуваат во целокупната слика и порака која треба да ја испрати еден настан како ,,Креативен ден”.
Нема помоќна жена од жена која се чувствува убаво и среќно во сопствената кожа.
РАЗБУДИ СЕ:„Одлична работа кај модата е што постојано се движи напред.“ – Цитат на Оскар Де ла Рента. Ова е добро или лошо? Што треба за напредок? Потеребни ли се настаните овој тип за да ја „разбудат“ креативноста, творечкиот дух, како и да постават прашања околу подигнување на одредени општествени проблеми?
Движење напред е мантра која е дел од човечката ДНК. Напредокот е основен елемент на секоја животна сфера. Настани од ваков тип се најпотребни, а за жал ги нема во голем број. Идејата да се поврзат модните дизајнери во улога на ментори, со учениците – идните модни дизајнери, и да се реализира модна ревија од овие размери, и згора на се да се стави акцент на хуманоста преку донација на собраните средства, е навистина за поздравување и секоја почит. И искрено се надевам дека овој настан ќе биде инспирација и поттик за многу други области во нашето општество.
Маја Автаровска заинтересирано не слушаше што разговаравме, а потоа се вклучи во разговорот со иста енергија. Позитивна и амбициозна, оваа млада не удостои со одговор.
РАЗБУДИ СЕ: Да направиш од ништо нешто? Се согласуваш ли на ова во поглед на создавање на една модна креација?
Да се направи од ништо нешто е интересен процес кој често пати го користиме за да направиме многу креации. Да, се согласувам бидејќи и тоа е дел од модата, и се користи за за да се создаде модна креација која многу би се носела.
РАЗБУДИ СЕ: Како „Креативен ден“ влијае на младите? Што научи од овој настан со посeбен печат и која е поуката што си ја извлекла?
Креативниот ден на нас младите влијае многу добро, почетокот е секогаш малце со трема но со тек на време сфаќаме дека нема зошто да си вршиме толку притисок па се препуштаме на креативниот ден и потполно уживаме во тоа што го креираме и работиме. Јас научив многу и се стекнав со нови знаења кои се настрана од учењето во училиште. А кога сме кај поуката, јас заклучив дека ако имаш желба и волја можеш сѐ да постигнеш, а без желба и без напорна работа не се постигнува ништо.