На 11 мај, со почеток во 19:00 часот, во Долното фоаје на Центар за култура Битола ќе биде отворена самостојната изложба „Првиот чекор на промената“.
Авторката е Јована Тодороска, млада ликовна уметница родена во 2001 година во Охрид. Своето образование го стекнува на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ во Скопје, отсек Ликовна педагогија – графика. Таа досега има реализирано повеќе самостојни изложби во Загреб, Битола и Њујорк. Како и учество на околу триесет групни изложби, со освоени награди и признанија.

Изложбата „Првиот чекор на промената“ во Центар за Култура, вклучува 30 дела. Дела изработени во комбинирана техника (акварел, акрил, туш и конец), со димензии 30×21 cm. Делата го истражуваат процесот на внатрешна трансформација – од момент на лична затвореност и ограничување, кон ослободување и свесна промена.
Преку богата колористика, испреплетени форми, рачно везени елементи и симболични визуелни структури, изложбата ја пренесува идејата за личниот „прв чекор“ како клучен момент на промена.
Настанот е отворен за јавноста, а новинарите и љубителите на уметноста се поканети да присуствуваат.
