Ученик од Битола, преку социјалните мрежи упатувал заканувачки пораки кон свои соученици. Ова предизвика вознемиреност меѓу учениците и родителите во ОУ „Стив Наумов“.

Од училиштето објавено е официјално соопштение во кое се наведува дека веднаш се постапило согласно законските надлежности. Известени се сите релевантни институции. Воедно се посочува дека се преземени соодветни мерки за заштита и поддршка на учениците. А безбедноста и благосостојбата на децата остануваат нивен највисок приоритет.
Од ООУ „Стив Наумов“- Битола
Почитувани,
Во врска со настанот поврзан со ученик од нашето училиште кој преку социјалните мрежи објавувал недолични и заканувачки пораки за неговите соученици и нивните родители, како транспарентно училиште, Ве информираме дека училиштето веднаш постапи согласно своите законски надлежности и обврски.
Иако содржините не биле објавувани во рамките на училиштето, ниту за време на наставниот процес во училиштето, по добиената претставка од група родители до ДПИ, училиштето без одлагање ги извести надлежните институции – Министерството за внатрешни работи, Центарот за социјални работи и подрачното одделение за образование на општина Битола, со цел случајот целосно да се испита и понатаму институционално да се постапува по истиот.
Во рамките на нашите надлежности, училиштето презеде соодветни мерки за заштита и поддршка на учениците, како и активности за смирување на состојбата и обезбедување безбедна и сигурна средина за сите ученици и вработени.
Апелираме до јавноста за воздржаност од ширење на непроверени информации и за почитување на приватноста и достоинството на сите инволвирани лица, особено имајќи предвид дека станува збор за малолетници.
Безбедноста и благосостојбата на учениците останува наш највисок приоритет и училиштето ќе продои да соработува со надлежните институции до целосно разрешување на случајот.”
