За човекот кој не разбрa дека не разбира

Ова е приказна за човекот кој не разбра дека не разбира и притоа сѐ, ама буквално сѐ му е јасно.  

Во овој свет, полн со мистерии и збунетост, има едно убаво искуство, наречено чисто постоење. Додека некои луѓе се тресат и „дрхтат“ од несигурност пред неописливите тајни на светот, други се одвојуваат со удобност и безгрижност не освестувајќи дека не разбираат. Секојдневните ситуации им стануваат авантури, а грешките , пратеници на среќата.

За овој човек, животот е едно платно, а интуицијата, четка што го бои во неочекувани и различни нијанси. Логиката нема никакво влијание со неговото постоење. Информациите и вестите, уште помалку. Прашањата од типот на длабоко филозовско анализирање за светот, се непознати.  Неговото единствено мото е „дишам, значи постојам“ и тука почнува и завршува приказната за овој човек.

Дали сме во можност да го прошириме нашето преценето гледиште додека директно гледаме како овој човек создава магија на радост?

Можеби во неговите очи нашите одговори се сенки на комплицирани умови. А можеби во таа чудна состојба на „неразбирање дека не разбира“ се крие тајната формула на вистинска  радост.

Ајде да пробаме да се изгубиме заедно во неговиот свет и да му дозволиме да не разбере дека не разбира. Во крајна линија можеби и не е толку важно. А што пак ние, кои сме водени од логиката и разумот, толку многу разбравме, освестувајќи  дека не разбираме, освен што се тресиме како лист од хартија пред неизвесноста на денот?!  Дали за нас, невозможна мисија е да се радуваме само затоа што постоиме?  Кој го видел сонцето со ваков ум? И што беше тоа сонце?

Прашајте го овој човек. Тој ќе ви одговори  без збор да проговори. Сонце е неговото чисто постоење иако не разбира дека не разбрал, ама смислата на животот ја сфатил водејќи се од интуицијата.

Пишува: Ромина Марковска

Разбира