Промоцијата на новата песна „Пеј“ на Игор Џамбазов и Гуру Харе прозвучи како саундтрак од некоја филмска приказна на Квентин Тарантино.
Се доби впечаток дека се поврзуваат три концепти. Музика што придружува и синхронизира дејство на игран филм, видео програма и музика што го придружува филмскиот производ. Последниот концепт е всушност делот од филмот што го содржи синхронизираниот снимен звук.
„Главниот виновник“ за музиката, текстот и аранжманот на „Пеј“ е Игор Џамбазов и Атанасовски Харе кој звучи навистина неверојатно со писокот на гитарата. Неповторливиот вокал е на кој друг, ако не на маестро Џамбазов. A придружниот вокал е со потпис на Тања Тас. Со синтисајзерот и оркестрацијата „управуваше“ Дамир Имери за „Пеј“ да биде пуштена во етерот во светло на малку поинаков блуз. Мите Димовски беше задолжен за перкусиите, за да се слушнат т.н. алвеоли на инструментите за Македонија, чија мака сѐ уште трае, и трае… Од искона, па до денес.
Спотот за песната „Пеј“ е автентична видео приказна изразувајќи нота на посебен карактер и уникатна интерпретација. Режисер и директор на фотографија на спотот е Стефан Рајхл, еден од најдобрите концертни фотографи кај нас.
Следниот чекор на препознатливото музичкото дуо е големиот концерт закажан за 21ви октомври во Македонската филхармонија. Имено, тогаш концертно ќе се промовира материјалот од албумот „Првите триесет“ со изведба на големите хитови од истиот. Со овој концерт ќе се одбележи нивната 30 годишна соработка, а годините на Џамбазов ќе ја заокружат шестата деценија од неговиот плодотворен живот.
„Пеј под ова сонце студено како дете од длабок сон разбудено…“
Пишува: Ромина Марковска