На 6 мај 2026 г. со почеток во 17 часот, во салата за промоции на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, се одржа промоција на двете најнови изданија на стручниот билтен на наставниците „Разгледи“, како дел од програмата за одбележување на Патрониот празник на СОУ „Таки Даскало“ – Битола. Стручниот билтен на наставниците „Разгледи“ е формиран во 1999 година заради поголемо информирање и соработка на сите вработени во училиштето во насока на следење на модерните трендови во образованието, зголемување на квалитетот на наставата и унапредување на воспитно-образовната практика. Билтенот има свој ISSN број, излегува во печатена форма, а негова електронска верзија редовно се објавува на веб страницата на СОУ „Таки Даскало“ – Битола.

Броевите 21 и 22 од билтенот „Разгледи“ ги промовираа Весна МундишевскаВелјановска, главен уредник и еден од основачите на билтенот, и м-р Марија МладеновскаДимитровска, психолог и член на редакцијата, а модератор на настанот беше Милица Димитријовска-Радевска, наставник по предметот Македонски јазик и литература и член на првата редакција на билтенот, која отворајќи го настанот се осврна на издавачката дејност на СОУ „Таки Даскало“. Поздравен говор одржа директорката на Националната установа Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола, м-р Емилија Стефановска-Давкова, која ги поздрави присутните и го истакна своето задоволство што е дел од промоцијата и се осврна на долгогодишната успешна и плодна соработка на оваа национална установа и СОУ „Таки Даскало“, не само во делот на одржување на различни настани и промоции во Библиотеката, туку и на бројните квалитативни и содржајни работилници, изложби и други активности што се реализираат со вработените од Библиотеката, учениците и наставниот кадар од СОУ „Таки Даскало“ – Битола.



Промовирајќи го бројот 21, издаден во октомври 2025 година, Весна МундишевскаВелјановска се осврна на историјатот на „Разгледи“, од неговите почетоци пред 27 години, и преку компаративна анализа и прикажување на резултатите од акциско истражување ги изнесе најважните одлики на билтенот, неговата концепција, структурата, рубриките, техничките карактеристики, застапените автори, уредништвото, како и придобивките од издавањето на билтенот и неговиот придонес за професионален развој на наставниот кадар не само од СОУ „Таки Даскало“, туку и пошироко. Таа истакна дека денес „Разгледи“ се препознава по својата уникатност и квалитет, по својата содржајност и заложбите за унапредување и заштита на авторството. Во стручниот билтен на наставниците „Разгледи“ до сега, на повеќе од 450 страници, се објавени 185 трудови од 165 автори, распределени во рубриките: „Колумна“, „Современа настава“, „Бележиме“, „Семинар-работилници“, „Примери од наставната практика“, „Истражување“, „Еко ТД“, „Практична настава и Учење преку работа“, „Педагошко-психолошка практика“, „Промоција на публикации“ и „Воннаставни активности“.

Промоторот на бројот 22 на „Разгледи“, издаден во април 2026 година, м-р Марија Младеновска-Димитровска, истакна дека е особено горда што е дел од Редакцијата на билтенот, осврнувајќи се на значењето на стручниот билтен на наставниците „Разгледи“ во афирмацијата на научно-стручни трудови на наставниот кадар од областа на образованието, на концепцијата на билтенот кој промовира не само авторство на квалитетни трудови, туку и промоција на современи педагошки пристапи во наставата, што директно придонесуваат за унапредувања на воспитно-образовниот процес, притоа одликувајќи се и со високи стандарди за стручна, научна аргументираност, оригиналност, методолошка доследност и применливост во процесот на настава и учење. На промоцијата беа дадени кус преглед и осврти на објавените трудови и на нивните автори во двете изданија на Билтенот, меѓу кои, покрај наставници и стручни соработници од СОУ „Таки Даскало“, има и универзитетски професори, образовни асистенти и наставници од други училишта.

Редакцијата на броевите на 21 и 22 ја сочинуваат: Весна Мундишевска-Велјановска, наставник по графички стручни предмети и главен уредник, Кики Младенова, наставник по англиски јазик, м-р Марија Младеновска-Димитровска, училишен психолог и д-р Роберто Трајковски, наставник по историја. Лектор е Јулијана Јосифовска, наставник по македонски јазик и литература, компјутерската обработка е на Весна Мундишевска-Велјановска, а дизајнот на корицата е на Миле Атанасоски, наставник по графички стручни предмети.
