Креативен Ден 2026 успешно ја потврди својата мисија… Да биде мост помеѓу образованието, креативноста и бизнис заедницата, во атмосфера исполнета со енергија, достоинство и искрена поддршка.
Со сала исполнета со последно седиште, позитивна атмосфера, разиграната публика, дамите кои со својата енергија ги поддржуваа младите учеснички, создаде амбиент кој зрачеше со самодоверба, мотивација и заедништво.

Настанот кој веќе прераснува во бренд на Битола и Македонија и е симбол на инспирација. На знаење и нови таленти, во организација на Божиловиќ продукција и СОУ. „Таки Даскало“ Битола, веќе пет години ја раскажува најубавата приказна за младите, за креативноста и за иднината.
Од величествената историска моќ на „Александар Македонски“,
мистичната сенка на „Дракула“, гламурот на холивудските спектакли… Потоа
екстравагантната смелост на „Круела“ и „101 Далматинец“…. Современите фантастични светови на „Game of Thrones“, преку слатката, впечатлива естетика на „Барбика“… Слободоумниот хипи дух на „Коса“ – симбол на ослободување од стегите, па сè до вечната префинетост и женствена беспрекорност на Одри Хепберн, Креативен Ден потврди дека модата е многу повеќе од облека –таа е култура, став и визуелна приказна.

Дизајнери ментори кои оваа година учествуваа беа: Весна Божиловиќ, Христијана Голубовиќ, Благој Мицевски, Лили Кадинска, Мирјана Момировска, Никола Петровски, Ирена Стојчевска, Александар Ортаковски, Снежана Петровска, Андреј Ѓ. Папаз, Анастасија Зулевска, Маја Андревска, Муамед Маликовски, Бети Дрогришка, Моника Ангелевска, Мартина Андреевска, Боркица Андонова, Катерина Михајлов Стојановски, Сузана Илиева Ангелова, Ирена Бојмалиева, Наташа Тасева, Анита Стефановска, Ема Ќука, Живка Паркет.
Дамите кои ги носеа креациите: Маја Атанасовска, Стефанија Велевска, Катерина Аневска Дранговска, Милица Љондевска, Александра Жежовска, Дона Петровска, Јасмина Триста, Марија Галевска, Елена Јовчевска, Наталија Маневска, Валентина Грамосли, Магдалена Шампевска, Елена Наумовски, Викторија Христовска, Ана Цивкарковска, Емилија Стефановска Давкова, Милица Трајкова, Катерина Златановска Попова, Александра Филипова, Мими Дуева, Љупка Миладинова Џамбазовски. Но најзаслужни за креациите беа учениците кои работеа со дизајнерите ментори и дамите.

Секоја креација беше внимателно создадена модна интерпретација, а секоја Дама – носител на карактер, време и стилска приказна.

Сето тоа, следено од публика со изразено чувство за естетика, која знае да ја препознае убавината, трудот и креативната храброст.

Посебна уметничка вредност на програмата ѝ дадоа учениците од Средното музичко училиште од Битола, кои со музичка точка и изведба на извадоци од операта „Љубовен напиток“ на Г.Доницети. Под менторство на професорката м-р Маја Митровска, внесоа дополнителна свеченост и културна димензија.

На настанот свое видување околу истиот даде и Билјана Дамјановска – почесната конзулка на Босна и Херцеговина во Битола. Дамата препознатлива по својот глас, успешна битолчанка која беше првата дама која го отвори Креативен Ден `22.
Еден од највпечатливите моменти на вечерта беше доделувањето на првите статуетки „ИСКРА“ – симбол на признание, благодарност и почит кон поединци и компании кои со својата поддршка, визија и посветеност придонесуваат за развојот на креативната заедница.
„ИСКРА“ им е посветена на оние кои со љубов, критериуми, естетика и континуирана работа ја градат довербата во модата како култура, професија и вредност. Првите добитнички на ова значајно признание се жени чие влијание остави траен белег:
Снежана Сани Богдановска, Светлана Богова и Моника Коцарева. Статуетките им ги врачија Катерина Шехтанска, Ели Пешева и Александра Весели Шијакоска.
Заедно со партнерот ЕАМ Штип – еден од најзначајните текстилни капацитети и гордост на македонската индустрија – беше подигната соработката на повисоко ниво. Создаден конкурс, можност младите да излезат од училница… Да влезат во реална индустрија. Конкурс за најдобрата маичка – дизајн кој ја спои креативноста со реалната продукција. Победникот е Владимир Трајанов од Струмица.
Со особена чест, вниманието беше насочено и кон ценетите гости и ВИП присутни. Тие беа пријатно изненадени од укажаната почит и признание. Нивното присуство, заедно со искрената реакција кон ова внимание, уште еднаш потврди дека Креативен Ден прераснува во значајна платформа. Платформа каде успехот, трудот и поддршката добиваат вистинска вредност. Признанијата на професорките ги врачи претседателот на советот на Општина Битола, Бојан Бојкоски. А беа врачени признанија и за учениците, дамите, менторите, спонзорите и make up и hair styling артистите.

Креативен Ден 2026 не беше само настан – туку прослава на талентот, образованието, естетиката и заедничката визија за иднината. Ова издание остави силна порака: кога младите, професионалците и поддржувачите се обединети, се создава искра што инспирира генерации.


