РАБОТИЛНИЦА „ЕКО-АМБАЛАЖА“ ВО ОРГАНИЗАЦИЈА НА МАКЕДОНСКО НАУЧНО ДРУШТВО – БИТОЛА И ГРАФИЧКАТА СТРУКА ОД СОУ „ТАКИ ДАСКАЛО“ – БИТОЛА ПО ПОВОД СВЕТСКИОТ ДЕН НА ЕКОЛОГИЈАТА

На 18 март 2026 г. во графичкиот кабинет на СОУ „Таки Даскало“ – Битола, се одржа работилница со наслов „Еко-амбалажа“. Работилницата ја организираше Македонското научно друштво – Битола во соработка со СОУ „Таки Даскало“ – Битола, по повод 21 Март – Денот на екологијата. Во работилницата учествуваа триесетина ученици од сите средни училишта во Битола. Носител на активноста беше Весна Мундишевска-Велјановска, во соработка со Снежана Паскова, Катерина Спасовска-Маурдева и Валентина Ристеска, наставници по графички стручни предмети.

Целта на работилницата беше истакнување на важноста на примената на еколошката амбалажа, издигнување на свесноста за намалување на отпадот и заштита на околината, применување на принципот на одржливост на животниот циклус на амбалажата и изградување на навики за реискористување на амбалажата.

Најпрво беше изработена мисловна мапа „Амбалажа – Екологија – Еко-амбалажа“, а потоа беа изведени две вежби за видови амбалажа според материјалот од којшто е изработена. Потоа, Весна Мундишевска-Велјановска имаше презентација за поимот „реискористување на амбалажата“, за најчесто реискористуваните амбалажни производи, за предностите и недостатоците на реискористувањето на амблажата, како и за можностите за реискористување на амблажата преку креативни примери од практиката.

Во практичниот дел на работилницата, под менторство на одговорните наставници, учесниците изработија нови уникатни и интересни амбалажни производи со реупотреба на хартија од весници и списанија, картонски цевки, картонски кутии, стаклени садови, картонски корици од тетратки и сл. Беа изработени пликови, ќеси, плик-ќеси, едноделни сложливи кутии со капак, држачи за моливи, рамки за слики и сл. Палетата на изработките ја отслика едноставноста, достапноста, економичноста, креативноста, практичноста и еколошката прифатливост на еко-амбалажата. На крајот на работилницата, низ тимска работа, беше реализирана креативна вежба за значењето на реискористувањето на амбалажата за намалувањето на количината на отпад, намалувањето на трошоците на компаниите за ново производство и заштитата на животната средина, како важен чекор кон одржлив развој и зачувување на природните ресурси за идните генерации.

[post_tags]