Трчај бе ја затвори 2025 и ги најави двете трки за 2026

Трчај бе ја затвори 2025 и ги најави двете трки за 2026

Не трчавме. Седнавме во Porta Jazz.

Така напишаа на социјалните медиуми, организаторите на битолската трка Трчај бе.

Во опуштена атмосфера, тимот на „Трчај бе“, волонтерите, пријателите и дел од ѕвездите од постерот се собраа на afterwork средба во Porta Jazz, за да ја заокружат 2025 година и да ја најават следната.

“Вечерва сме бе стартни броеви и без временски чипови, но со истата енергија што ја движеше трката цела година” – истакна Никола Димитровски кој ја започна трката пред 8 години со тим кој ја направи за кратко време една од највпечатливите улични трки во атлетскиот календар на многу спортисти, компании и рекреативци и најмасовниот спортски настан во Битола.

Синоќа имаше волонтери што со години ја градат приказната, ѕвезди од постерот што овојпат излегоа од рамката и разговори што почнуваа со „се сеќаваш кога…“ – моменти што потсетуваат дека ова не е само уште една спортска манифестација, туку проект длабоко вкоренет во локалната заедница.

Концептот „Битолси на Трчај бе“ под кој одеше целата кампања за трката во 2025 доби своја вечер, со симболични подароци и чувство дека приказната не завршува, туку се префрла во ново поглавје. Дел од волонтерите и ѕвездите од постерот не беа во можност да присуствуваат, но постерите им беа испратени. Меѓу нив и ракометарот Филип Кузмановски, кој поради натпревар не можеше да биде присутен, па споменот од „Битолси на Трчај бе“ му беше предаден од спортскиот новинар и еден од водителите на трката, Зоран Мишевски.

На настанот официјално беа најавени и датумите за двете трки во 2026 година:
   •   Мини Трчај бе – 31 мај 2026
   •   Трчај бе – 13 септември 2026

Фотографиите од вечерта се дело на Диоген Хаџи Коста Милевски, а за музичката атмосфера се погрижи BerryQyat, потврдувајќи дека „Трчај бе“ без музика едноставно не е можно.

Со оваа средба, „Трчај бе“ симболично ѝ се заблагодари на 2025 година и упати јасна порака кон 2026:
ист град, иста енергија, нови чекори.

[post_tags]