Роденденски за Битола! – Сликовницата,, Битолскиот клавир Петко” ги стопли срцата на дечињата од ОУРЦ ,,Кочо Рацин” Битола

Топло, емотивно, роденденски и совршено — книга, музика, корени и Битола! Сликовницата,, Битолскиот клавир Петко” ги стопли срцата на дечињата од ОУРЦ ,,Кочо Рацин” Битола

По повод роденденот на нашиот град, учениците од V одделение на основното училиште ОУРЦ ,,Кочо Рацин” Битола, со голема љубов и ентузијазам го прославија роденденот на Битола во просториите на НУУБ „Климент Охридски“. Центар на вниманието беше автентичното детско издание Битолскиот клавир Петко од авторката Елена Наумовски. Книга што ја спојува музиката, љубовта и корените на нашиот град.

,,Со оваа активност ја збогативме нашата училишна библиотека, благодарение на срдечноста на авторката Елена Наумовски, која ни подари издание од книгата што ќе инспирира уште многу млади читатели и сонувачи.” – велат од ОУРЦ ,,Кочо Рацин” Битола

Учениците со голема креативност прикажаа делови од приказната. Ја оживеаа Битола преку нејзините најубави симболи — Широк Сокак, Саат кулата, Офицерскиот дом, Аврата, реката Драгор, Јени Џамија и Безистенот. Атмосферата беше исполнета со детска радост, музика и гордост, како вистински роденден на град со душа.

А магијата на приказната завршува токму таму каде што почнува љубовта кон Битола. Со изгубениот клавир Петко, кој со своите солзи го налеал дрвцето што пораснало во прекрасна магнолија. Токму таа магнолија, како симбол на градот, останува да сведочи за вечната љубов и мелодија во паркчето кај Саат кулата.

Магнолијата — белег на убавината, традицијата и топлината на Битола, засекогаш ќе ја раскажува оваа приказна преку нотите на „Битолскиот клавир Петко“.

Наскоро следи уште едно продолжение на счиковницата што станува препознатлив бренд на градот.

[post_tags]