Свечено отворени 55. ‘Илинденски денови’: Од Битола до светот, фолклор без граници

Со традиционалното дефиле по Широк Сокак, пред стотици граѓани и гости, вчера свечено беа отворени 55 „Илинденски денови“. Ова е најзначајниот фестивал на народни песни и игри во Македонија. Битола уште еднаш се претвори во сцена под отворено небо, каде културите се сретнуваат преку игра, носија, ритам и боја.

Свечено отворени 55 ,,Илинденски денови": Од Битола до светот, фолклор без граници

Во дефилето на 55 издание на,, Илинденски денови”, учествуваа над 1.300 учесници од Македонија и од шест земји. И тоа од: Грузија, Полска, Хрватска, Швајцарија, Мексико и Индонезија. Широк Сокак ечеше од зурли, гајди… Тамбури и аплаузи. Минуваа фолклорни ансамбли облечени во раскошни носии што зборуваат јазикот на своето културно наследство.

Свеченото отворање се одржа пред Офицерскиот дом. А се обратија Весна Бендевска – потпретседателка на Собранието на РМ како покровител на фестивалот. Потоа градоначалникот на Битола Тони Коњановски и Сашо Илковски – новоименуваниот директор на Центарот за култура – Битола, организаторот на фестивалот.

Настапот на ансамблот КУД „Илинден“ со традиционалното „Комитско“ даде силна симболична нота. Нота како потсетник дека традицијата е жива, борбена и со корени што одекнуваат низ генерации.

Свечено отворени 55 ,,Илинденски денови": Од Битола до светот, фолклор без граници

Фестивалот „Илинденски денови“, основан пред повеќе од половина век како културно ехо на манифестот од 1903 година, денес е фестивал од највисока светска категорија и член на CIOFF – Меѓународниот совет на организатори на фолклорни фестивали под покровителство на UNESCO.

Неговата организација е поддржана од Министерство за култура и Општина Битола.

„Овој фестивал не е само празник. Тој е жива енциклопедија на култури, ритуали, знаења и идентитети кои опстојуваат и се пренесуваат со љубов. Тој е жив доказ дека традицијата не е минато. Туку сегашност со иднина,“ истакна м-р Валентин Соклевски, долгогодишен координатор на фестивалот.

Програмата на 55. издание вклучува над 70 настани низ повеќе локации во Битола. Од концертни настапи, улични изведби и каравани, до едукативни семинари, изложби и детски работилници. Посебен акцент годинава има Интернационалниот етнографски филмски фестивал (ИЕФФ), кој селектираше 30 документарни филма од рекордни 2.000 апликации. Овие дела нудат културни прозорци кон светот – приказни за ритуали, песни, и живи традиции кои не обединуваат, но и нè дефинираат во различноста.

Во духот на слоганот „Денес за утре“, годинашниот фестивал става акцент на иднината на културното наследство, неговата научна анализа и визуелна репрезентација.

Визуелниот идентитет на овогодинешното издание е дело на младата уметница Јована Тодороска. Инспириран од нејзината изложба „Половина сонце“, новиот визуелен концепт го претставува сонцето како симбол на виталност, светлина и космички ред – како естетска и симболичка алка меѓу минатото и иднината.

„Илинденските денови“ не се само фолклорен фестивал – тие се простор за соочување, дијалог, учење и визија. Простор каде што фолклорот не е музејски експонат, туку жив организам што се доживува во секој чекор, ритам и боја.

фотограф | Диоген Хаџи Коста Милевски

ПР текст

[post_tags]