Уште една нумера од проектот „Македонијо во срце те носиме“ во изведба на Александар Тарабунов

Александар Тарабунов

Александар Тарабунов е гласот кој стои зад новата маестрална изведба на песната „Едно име имаме“

Композицијата која на еден начин претставува и наша химна, македонската песна „Едно име имаме“, повторно актуелна. Имено, истата, оригинално е испеана од грлото на легендарниот Јонче Христовски. Овој пат е дел од проектот „Македонијо во срце те носиме“ . Николче Мицевски во рамки на проектот ја спакува оваа преубава композиција во ново руво. Александар Тарабунов е гласот кој стои зад новата маестрална изведба.

едно име

„Едно име имаме“ ја пеам одамна и ми е многу драга песна!

„Едно име имаме“ ја пеам одамна и ми е многу драга песна. Ми буди убаво чувство за Македонија. Горд сум што ја препеав и имам можност да ѝ ја претставам на публиката во едно ново руво“.  – Вели Тарабунов. Инаку пејачот и се присетува на една убава случка поврзана токму со македонската фолк легенда.

 „Одамна ми беше голема желба да препеам некоја од безвременските песни на Јонче Христовски бидејќи беа големи другари со татко ми. Се сеќавам дека кога бев мал на еден мој роденден Јонче ми подари цела ќеса џамлии „црнки“. Тие во тоа време беа највредните. Со роденденскиот подарок излегов во маало да играм со другарите и поголемите ме намирисаа и ми ги ќарија сите џамлии. Кога се вратив дома татко ми ме праша каде ми се џамлиите од Јонче. А кога дозна каде се отиде на врата да им ги бара ха, ха, ха…“

„Видеото за „Едно име имаме“ во изведба на Александар Тарабунов е со потписот на Скендеровски продукција, која стои зад проектот „Македонијо во срце те носиме“, а во чии рамки се препеани 12 македонски легендарни песни, во изведба на 12 изведувачи, и од светот на забавната и од светот на народната музика. Меѓу изведувачите кои публиката уште треба да ги слушне и види се и: Сузана Спасовска, Бојана Скендеровски, ДНК, Андријана Јаневска и Зуица Лазова.“ – велат организаторите.

Во продолжение слушнете ја легендарната „Едно име имаме“ во изведба на Александар Тарабунов и уживајте во секој од стиховите.