Започнува второто издание на Интернационалниот етнографски филмски фестивал, со кој официјално започнуваат годинешните 53 по ред ИЛИНДЕНСКИ ДЕНОВИ.
Од 19 јули-среда, Центарот за култура во Битола е и организатор и дом на овој прв фестивал од ваков тип кај нас. Посветен е на широк спектар на етнографски филмски теми и авторски пристапи во истражување на традиционалното наследство од нашите предци, но и модерниот начин на живот на заедниците во кои културата се негува како оплеменување и оплотување со разновидни увиди и методологии на работа на тимови од цел свет на филмови од ваков карактер.
Фестивалот ќе трае до 22 јули.
Селектор на овој филмски фестивал е Тони Гламчевски. Имено Гламчевски е новинар од Франција. Живее во градот Нанси, 60 километри оддалечен од градот Епинал, во срцето на Европа. Гламчевски и неговата сопруга Блондин го креираат Меѓународниот филмски фестивал.
„Се обидувам секоја година во програмата да ставам македонски филм или македонска копродукција, не само дека сум од Македонија туку поради вештините и квалитетот на филмските екипи“ – ќе рече Гламчевски. По минатогодишното прво издание, за оваа година селектираните филмови опфаќаат широк лак на интереси од културолошка тематика, како и социјална антропологија од повеќе континенти.
Мисијата на овој Интернационален етнографски филмски фестивал е да ги охрабрува истражувачките пристапи. Исто така го охрабрува и креирањето на етнографските филмови. Мисијата е да се разбуди совеста околу проблематиката на чување на културното наследство. Причина е што културното наследство репродуцира елементи поврзани со начинот на живот, систем на вредности, верувања и традиции на еден народ.