Радоста – ја бараат сите, а ја наоѓаат ретките – колумна

radosta ja baraat site a ja naogaat retkite

Радоста – ја бараат сите, а ја наоѓаат ретките. Толку едноставен збор, а толку ретка појава. Некој има пари, статус, моќ. Некој нема ништо од тоа. Но, изгледа како на сите да им избега.

Денес, некои луѓе, се борат да преживеат додека други живеат во изобилство. Но, ако погледнеме подлабоко, ќе видиме дека и едните и другите не изгледаат, радосни. Што се случува? Зарем не треба да сме посреќни кога ќе го постигнеме тоа што го сакаме? Вистината е дека радоста не се наоѓа во материјалните нешта. Парите, успехот и статусот можат да донесат удобност, но не гарантираат радост. Често оние што „имаат сè“ се најтажни. Тоа не е нешто што се поседува туку нешто што се доживува – во моментите на благодарност, во малите искуства што ги занемаруваме.

Иако некогаш сме ја чувствувале, со текот на времето сме ја изгубивме од вид. Навикнати сме на убавите мали нешта – на мирисот на првиот есенски дожд, на тивките утра, на вкусот на првото кафе – и затоа престанавме да ги забележуваме.

Наместо да ја доживуваме радоста, ние размислуваме за тоа што ни недостасува. Постојано бркаме „повеќе“ и ја заборавивме суштината. Но, таа не се освојува, не се купува, ниту се постигнува – таа е тука, скриена во секојдневните моменти и чека да ја препознаеме.

Гледајте ги децата – нивната искрена насмевка, нивната способност да се радуваат на најобичните нешта. Тие не чекаат „совршен момент“ за да бидат радосни – тие ја живеат радоста. И ние можеме да научиме од нив.

radosta ja baraat site a ja naogaat retkite

Можеби клучот не e во барањето, ами во отворањето. Да се отвориме за миговите што ги земаме здраво за готово, да ја пронајдеме во едноставноста. Да го почувствуваме животот без очекувања, без услови, без „кога-ќе-имам“.

Радоста не е таму некаде – таа е овде, во нас Чека да ѝ посветиме внимание.

А ти, ја гледаш ли?

Погледни околу себе – можеби радоста веќе те чека. Разбуди се!

пишува: Ромина Марковска

[post_tags]