Во село Смолник навистина е тежок животот за македонските деца. Имено, тие пешачат низ доста непроодни патишта за да стигнат на училиште. Всушност нема пат, а децата пешачат до училиште и во дожд и снег, понекогаш соочувајќи се и со диви животни.
Што се однесува до училиштето, тоа е објект кој е во катастрофална состојба. Децата се плашат дека објектот ќе се сруши во секој момент.
„Ученици немаат ниту минимални елементарни услови за следење на наставно-воспитниот процес. Објектот во кој следат настава, кој нема ниту влезна врата, прозорци, е отстапен од жител на селото и се наоѓа во горниот дел на ова населено место, што претставува дополнителна грижа на родителите, бидејќи до него се стигнува низ бујна вегетација, па постои опасност и од диви животни“, објави телевизија Булќиза.
„Точно е дека нашите деца, Македончиња од село Смолник, настава следат во катастрофални услови. Побарано е настава да се одржува во објект внатре во селото, барем така децата ќе бидат безбедни. Нашата област е планинска, а селото е на повисок предел, па нема можност тие да учат во друго населено место, зашто немаат ни соодветна патна инфраструктура“, рече за МИА, Едмонд Османи, администратор на административната единица Требиште и потпретседател на Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, пренесува мкд.
Околу ова прашање, управата во општина Булќиза, каде територијално потпаѓа дел од областа Голо Брдо, за телевизијата изјавија дека веќе знаат и се запознати со проблемот, па се барат решенија за да се подобрат условите во ова училиште и да се надмине проблемот.