Вечер во Битола завршува ИФФК „Браќа Манаки“. Со проекција на македонскиот филм „Убиј ги прво децата“ во режија на Димитар Оровчанец, официјално ќе се затвори и овогодинешното издание на фестивалот. Во филмот, кинематографер е Владимир Самоиловски. Со доделување на наградите златна, сребрена и бронзена „Камера 300“ , ќе завршат и овие фестивалски денови. Филмски денови кои го слават името на великаните – браќата Јанаки и Милтон Манаки
Во текот на фестивалот беа емитувани 67 филмови во повеќе натпреварувачки категории. А што се однесува до вечерната проекција која ќе ја заокружи оваа филмска веќе брендирана битолска приказна, во официјалната фејсбук страна на ИФФК „Браќа Манаки“ е запишано:
„За вечерва Ви го најавуваме и македонскиот филм во Официјалната селекција „Камера 300“, УБИЈ ГИ ПРВО ДЕЦАТА. Tој ќе ја има домашната премиера, со која ќе се затвори МАНАКИ 45, откако ја имаше светската премиера на Сараевскиот филмски фестивал.
Во дебитантскиот долг игран филм на режисерот Димитар Оровчанец, работен од кинематограферот Владимир Самоиловски, станува збор за комични сплетки во кои се вовлечени тинејџерка балерина, нејзиниот лудо вљубен дечко и неговиот налудничав најдобар другар со украден полициски пиштол, глумени од Миа Жиро, Мартин Ѓоргоски и Стефан Спасов, кои заглавуваат во лавиринтите на скопското криминално подземје, поради мобилен телефон што содржи компромитирачка видеоснимка, која ако заврши во погрешни раце, ќе летаат глави.“