Да се биде актер значи да се биде стотици ликови одеднаш. Антагонист, протагонист, комичар, трагичар, господар или слуга. Нов лик, нови чевли за облекување, ново неоткриено ЈАС кое можеби не сме знаеле дека постои во нас. Денес во денска кафе шема ја имаме актерката од Неготино која периодот е актуелна и ги засмејува гледачите со своите short videos во кои секогаш зборува на различен дијалект и е во чевлите на лик кој се обидува да опстане во современото општество. Итервју за „Разбуди се“ со Надица Петрова.
Разбуди се: Надица Петрова, од кога почна да се бавиш со оваа професија?
Надица: Уште како дете спремав претстави по дома за гости без да знам дека тоа е театар. На 7 години ме запишаа во основно музичко каде свирев виолина и пеев на јавните часови и на секој новигодишен концерт во домот на култура. Потоа на мои 14 години станав дел од театарската група во домот на култура во Неготино, каде ја почувствував сценската магија пред голема публика за првпат. За на крај, во 2012 на пат да бидам инжинер, се потсетив на мојата најголема љубов решив свртам нова страница и да се запишам на факултет за театарски уметности- актерска игра.
Разбуди се: Колку време ти треба да ги снимиш кратките видеа?
Надица: Кратките видеа се всушност дел од женските карактери од мојата прва моно-комедија One Wo/man comedy show- Која сум јас. Тоа е театарско комично шоу, кое Премиерно го изиграв во 2021 година. Публиката истото го препозна како стенд-ап комедија, што ме однесе во една нова, различна театарска форма на моно- комедија. Ликовите што ги гледате е всушност истите тие ликови, коишто на тие што го гледале тоа комично шоу, им се веќе познати. Во шоуто имам уште два лика коишто мислам да го отворам во блиска иднина. Комедијата ја имам изигрно околу 50 пати во различни градови во Македонија – најмногу во Скопје.
Видеата почнав да ги снимам спонтано и уживам во тоа. Бидејќи ако мене не ми е забавно, не би го правелa тоа. За едно видео ми требаат неколку часа, зависи од видеото.
Разбуди се: Од каде наоѓаш инспирација за темите во видеата?
Надица: Инспирацијата ми е од секојневјето кое го живееме и луѓето кои се дел од нашето општество. Тоа се ликови, архиерипи на жени во случајов кои ги живееме сега, но не се за пофалба. Јас со љубов и сарказам ги исмевам и низ тоа ја пренесувам сликата на времето кое го живееме и ставовите со кои се излагаме во ова време. Едната е алкохоличарка и е горда на тоа, другата е разгалена, третата е “паметна” . Секако дека сите ние можеме да се препознаеме во тие ликови , без разлика што се женски, да се потетиме на ситуацијата кога сме биле такви и да се насмееме со љубов на човечката глупавост и евентуално да се освестиме.
Разбуди се: Колку време ти е потребно да совладаш дијалект кој не е од твоето поднебје?
-Дијалектите ми се голема љубов, како и различните јазици воопшто. Почнав со домашните, бидејќи сѐ почнува од дома. Имам завршено основно музичко училиште каде свирев виолина и можам да се пофалам со изострен осет за слух и музикалност. Со тоа што се разбира ми помагаат и актерските вежби за правилен говор и раздвижување на говорниот апарат- вилицата кои ги работиме на факултет па натаму во актерката професија. Но ништо од ова нема да биде без помошта и консултацијата со пријателите од тие градови. Огромно благорарам до нив. Не е времето во прашање туку желбата и посветеноста. Сѐ се може ако се сака.
Разбуди се: Во колку часот започнува твојот ден? –
Во зависност од обврските, но 8, 9 часот…
Разбуди се: Која е твоја утринска мисла?
– Благодарност
Разбуди се: Дали постои утринскинритуал пред да ти започне денот?
– Да. Се заблагодарувам. Пет минути вежби за истегнување, 5 мин туш, 5 мин пишување дневник- планер за денот и кафе.
Разбуди се: Што те прави среќна?
Тоа што сум жива и го сведочам животот. Кога луѓето околу мене се среќни. Децата. Природата. Кога сум со мојата фамилија, пријатели, театарот…. Многу работи….
Разбуди се: Која е твојата формула за успех?
– Само сега. Направи го тоа сега. Нешто. Почни. Секогаш има проблеми. Претвори ги во предизвици. Животот е убав и интересен. Најди ја светлата страна и во најтемната слика или приказна. Пробај повторно. И повторно…
Разбуди се: Што им советуваш на младите со харизма?
Тоа е тоа.
Прави го тоа што ти е страст и што те прави среќен/на.
Разбуди се: Дали неготинци се сметаат за чешити – шеговити луѓе?
Има секакви луѓе секаде , и не можам да генерализирам, но можам да кажам дека сум горда на моите корени и народот во Неготино и Кавадарци. Топли, весели, гостопримливи, позитивни и да, имаат одлична смисла за хумор. Луѓето од овој крај користитат пцовки, но искажани со љубов…
Интервјуто го водеше: Данда Реј
…И секако, завршуваме со ракиичка!