„Сликарот во својот ум и своите раце го има целиот универзум.“. Восхитувачка изложба на ученичките матуранти од СОУ ,,Таки Даскало“ – Битола
…И некаде помеѓу тензиите и аспирациите на модерниот живот, се издигнува младостa што без сомнение знае да те натера на трансформација во феникс. На некое одново раѓање каде имаш дискусија со себе си во творечки моментум. Синоќешната изложба на ученичките – матурантки од СОУ ,,Таки Даскало,, под менторство на проф. Буба М.Солак, беше токму таков моментум. Миг каде како да не бевме само обични набљудувачи и публика, туку и учесници во брилијантната приказна на платната. Изложбата што се одржа во галерија и музеј ,,Ранко Струмениковски“, беше културен дијалог, наратив помеѓу уметноста и младоста. И некаде помеѓу илузијата, соништата и автентичноста, нивните цртежи би рекле дека се фантастична симбиоза помеѓу апстрактното… Помеѓу недопреното и она што го редефинира добро познатото.
Имено, дел од учениците од класот беа вклучени во концептот/изложбата на Александра Марковска. Марковска изработи едночасовно видео инспирирано од концептуална уметница Марина Абрамовиќ, а музичкиот настап внесе свеж ветар на настанот.
Инкапсулирани урбани емоции… Татнеж по младост што доста смело го надмудрува окото на она што ние како публика, го нарекуваме урбано. Учениците од СОУ „Таки Даскало“ навистина имаа восхитувачка изложба. Аплаузот и наклонот до земја од страна на полната сала гости, родители, соученици, професори беше заслужен.
Делата пак изработени од Марија Тиловска кои одразуваат еден психолошки момент со наслов ,,Слоеви на душата“ акрил и миксмедиа, беа инспирација за Милица Д.Радевска, професорката и писателка. Професорката изрецитира поезија што ја посвети на нејзината ученичка Марија Тиловска.
Оваа изложба, се потруди и успеа да излезе од клишеата на креативното и со модерен идентитет на четката, над уметничкото платно, отслика уште една битолска приказна што докажува дека овој град сеуште дише и пулсира во име на уметноста. Всушност, токму Битола е и останува да биде центар на тој универзум.
Навистина беше убаво да се биде дел од толку млад, убав и креативен свет, а Галерија Струмениковски е оној безрезервниот „виновник“ кој помага да се реализираат вакви убави настани и изложби каде младите имаат можност да ги изложат и презентираат нивните дела, изведби, творештва кои вреди и треба да се популаризираат.