Врските не функционираат – Дали знаеме зошто?
Врските започнуваат со слатки знаци на љубов и љубезност. Продолжуваат да се движат низ интригантни лавиринти на чувства и интеракции. Најпосле, врските завршуваат како филмски еп на самооткривање.
И што се случува кога ќе се откриеш себеси на крајот од врската? Се случува криза на идентитетот или потреба за промени. Се менуваат критериумите и „кабаетот“ се бара на другата страна. Ама не сме ли и ние виновни?!
Врските се уништуваат не само поради недостаток на љубов, туку и поради „цел букет“ на причини кои создаваат немир околу срцето и душата.
За срцето и душата да ни бидат мирни, најпрво треба да ги разбереме Почитта и почитувањето.
Тие се камењата на кои се изградени нашите врски. Во суштина, додека почитта е подржување на идеи, вредности или авторитет, почитувањето може да се однесува на почитување или уважување на самиот човек. Во отсуство на овие темелни камења, врската, полека ама сигурно умира.
Има и други фактори кои не влијаат позитивно на врската. Тоа се прекумерната љубомора и претераната грижа. Во секој случај, сѐ што е прекумерно или претерано, не „чини.“
Како да се пронајде баланс во врската за таа да се биде витална?
Најважно од сѐ што сме знаеле до овој момент, а можеби и сме заборавиле е да се биде доверлив и внимателен кон потребите и чувствата на другата страна. Довербата знае да го даде својот fit bek и да комуницира отворено и искрено. Покажува поддршка, разбирање и благодарност.
И така, на самиот почетокот на врската, сѐ е розово и весело, „арно ама“, ако не сме внимателни и не ги негуваме основните вредности, на врската ѝ се гледа крајот.
И љубовта еволуира. Таа не е еднаш засекогаш дадена. Има свои левели на растење. И како што таа расте, така расте и врската. Ако правилно ја „храниме“, врската ќе живее и ќе процвета како бамбусот. Со други зборови, тоа значи постојана нега, внимателно залевање, дури и понекогаш прекршување на правилата за да ја овенча целата работа со заслужената среќа.
Ова последното, не значи директно прекршување на основните етички принципи или вредности, туку постојаност и способност за адаптација на обичните правила кога се наоѓаме во комплексни ситуации . Или кога сакаме да ги превземеме ризиците заедно во името на љубовта и среќата.
пишува Ромина Марковска