Музиката е повисоко откровение од која било философија – Лудвиг ван Бетовен за музиката и животот.
Во гламурозна атмосфера, како што всушност му доликува на еден светски настан, на 2 Октомври започна интернационалниот фестивал на класичната музика “Интерфест“.
Големата сцена „Благој Стефановски – Баге“ во Народниот театар Битола блескаше во име на класичната музика. „Интерфест“, уште еднаш не потсети за крикот на уметноста кој сеуште живее во овој град.
Имено ова е 32 издани на „Интерфест“ во Битола. Публиката уживаше во посебната грандиозна изведба на операта „ Рита“ на Гаетано Доницени. Истата беше во изведба на Националната установа „Опера и балет“, под диригентство на Иван Еминовиќ.
Од Бергамо, Италија каде се случува дејството на операта во еден чин, до нашата сцена и штиците што живот значат. Уметниците ја оживеаја приказната и изведоа автентична сензација на комичната опера во еден чин.
До 12 Октомври битолчани ќе уживаат во класична музика. Покрај Народниот Театар, концертите ќе бидат одржани и во Завод и Музеј и Офицерски дом. Центарот за култура во Битола уште еднаш ќе ги отвори вратите за љубителите на музиката како еквивалент на фините уметности и високата култура. Со фокус кон уметноста, ќе биде поставена и ликовна изложба. Публиката, меѓу другото, ќе се „осмели“ да доживее уште едно емотивно уметничко патување со предвидена октомвриска поетската вечер.
Евоцирајќи класични традиции со посебен фокус кон формалните стилови, класичната музика бара особено внимание и концентрација од оној кој ја перцепира. „Интерфест“ ги задоволува апетитите на оние кои го негуваат вкусот на носталгичниот квалитет на класичната музика. Во контекстот уметничкиот директор на фестивалот – Милица Шперовиќ Рибарски, забележа:
-Ме радува податокот дека во оваа преполна сала во Народниот театар има публика која е со нас од почетокот на “Интефест“, односно 32 година од нашите почетоци во Битола. А, тука ќе ја споменам и Невена Груевска, претседател на МНД Битола која е со нас од првото издание. Кога станува збор за програмата ќе кажам дека на концертите ќе настапат врвни уметници кои ни доаѓаат од осум земји во Македонија. Покрај тематските концерти ќе има и изложба на битолски и македонски уметници. Ќе го нагласам концертот на класична музика и македонска музика на кинезот Окотецу кој навлезе во македонската музика и македонските чувства со Камерниот оркестар на Битола на 11 октомври.
Секоја нота од класичната музика носи воздух на историски мелодии. На посебни приказни. Под превезот на презентот, да ја разбудиме и одново родиме магијата на класичната музика.