Настани
Битола повторно го откри својот град на ѕидот
Истражувањето на ИКОМОС откри нови приказни за последното монументално дело на Борко Лазески

Истражувањето на ИКОМОС откри нови приказни за последното монументално дело на Борко Лазески
Од другата страна на поштенските шалтери, публиката во Битола доби можност одблизу да погледне едно значајно уметничко дело и да ги запознае приказните зад неговото создавање. На 22 октомври, во Главната пошта, Македонскиот национален комитет на ИКОМОС ги претстави резултатите од проектот посветен на истражувањето, дигиталното документирање и афирмацијата на муралот „Битола, бабам Битола“ на Борко Лазески.

Вечерта обедини изложба на оригинални скици, записи и предмети од архивата на уметникот, премиерна видеопрезентација, стручни осврти и лични сеќавања. Се одржа на роденденот на Лазески, точно 35 години откако тој на истиот датум престојувал во Битола и работел на своето последно монументално дело.
Создаден во 1991 година, муралот го прикажува животот на Битола од крајот на XIX и почетокот на XX век. Историските личности и настани се испреплетени со музиката, занаетите, градските средби и личните сеќавања на авторот. Двегодишното истражување овозможи попрецизно да се прочитаат тие сцени и да се откријат детали што досега биле недоволно познати.

Благојче Цветковски, претставник на Извршниот одбор на Македонскиот национален комитет на ИКОМОС, го истакна значењето на поврзувањето на истражувачката работа со современите технологии и јавното претставување на наследството.
„Неговото значење не завршува со оваа презентација, туку отвора можности за понатамошно проучување на творештвото на Борко Лазески и за поголема афирмација на современото уметничко наследство во нашата земја“, посочи Цветковски.

Раководителката на проектот, Марија Петровска, објасни дека истражувањето започнало со разговори со пензионирани вработени во Поштата, кои и по 35 години ги паметеле средбите и разговорите со уметникот. Клучен придонес имала неговата ќерка, Росица Лазеска, која овозможила пристап до приватната архива со писма, дневнички записи, работни скици, фотографии и аудио и видеоснимки.

„Со овие непроценливи архивски материјали, истражувањето доби чувство како самиот автор, во сегашно време, да го раскажува процесот на создавање на муралот“, истакна Петровска.
Меѓу откритијата е и приказната за сликата прикажана во самиот мурал. Лазески се насликал себеси како работи, но на насликаното платно поставил потпис на друг автор. Неговите записи откриваат дека станува збор за оддавање почит на битолскиот сликар Владимир Јорданов, негов братучед кого многу го ценел. На изложбата беше претставена и оригиналната слика на Јорданов, зачувана во семејната колекција.

Истражувањето ја открило и пошироката, неостварена замисла на Лазески. Авторот планирал да ги обработи и левиот и челниот ѕид на шалтерската сала. Зголемени детали од скиците за левиот ѕид беа изложени токму на местото предвидено за нивната реализација, овозможувајќи ѝ на публиката увид во дел од неговата нереализирана идеја.
Со помош на историчарот Александар Стерјов бил идентификуван и ликот на гусларот Апостол, за кого тој пишувал во книгата „Македонските слепи гуслари“. Посебна врска меѓу минатото и сегашноста донесе присуството на Драги Поповски, некогашен вработен во Поштата, чиј портрет изработен од Лазески беше дел од изложбата.

Росица Лазеска го доближи творештвото на својот татко и неговата посветеност на јавната уметност. На настанот прочита и запис од неговиот дневник, во кој, додека работел на муралот, ја изразил вербата дека создава нешто што ќе остане значајно во македонската ликовна уметност и живот.
Уметнички осврт даде Димитар Солаковски, кој создавањето на делото го следел како дете, а во проектот придонел кон неговото дигитално документирање. Тој го посочи муралот како визуелна реконструкција на историската меморија, но и како сведоштво за времето во кое настанал.

„Борко Лазески ги поврзува големите историски моменти со вниманието кон човечките судбини“, истакна тој, нагласувајќи ја темелноста на авторовите подготовки и разработката на композицијата.
Изложбата го доближи и секојдневието на уметникот додека работел. Покрај скиците и подготвителните картони, беа претставени книги што ги користел, писма, телеграми, неговиот препознатлив качкет и осуммилиметарска филмска касета со архивски записи.
Во рамките на проектот, муралот е документиран со фотограметрија, со која е создаден прецизен тридимензионален модел. Резултатите вклучуваат и едукативно видео, каталог со сознанијата од истражувањето и двојазична информативна табла на влезот во Поштата. Тие овозможуваат приказната за делото да продолжи да допира до јавноста и по завршувањето на настанот.
Проектот е финансиран од Министерството за култура и туризам, со поддршка од Општина Битола, Културниот и информативниот центар Битола, Пошта Битола и Пелистерка.
Со ова истражување, „Битола, бабам Битола“ доби документирана приказна за своето создавање, за луѓето насликани на ѕидот и за мислата на авторот.


