Проектот “Kids Classical Music Camp” ќе се реализира од 12 – 16 јуни во Битола. Главен организатор и лидер во овој проект е Здружението Пијано од Битола, а партнери во проектот се Здружението ” Gradus Ad Parnassum” од Сремска Митровица, Србија и музичкото училиште ” Tefta Тashko – Koco ” од Корча, Р. Албанија.
Раководните лица на здружението „Пијано“, Марија Шамоска Буџаковски и Јана Четелева Белевска истакнуваат дека на овој петти повик од Western Balkan Fund и втор повик кој што е поддржан од Европската Унија, од вкупно 347 апликации, избрани се 36 проекти, по 6 од секоја земја членка на Западен Балкан, меѓу кои и проектот ” Kids Classical Music Camp” на здружението “Пијано”.
Освен културна размена и споделување на искуства, во овој проект е предвидено и споделување на знаења, па така во текот на проектот ќе бидат реализирани 4 работилници и тоа 2 од страна на земјата домаќин – Македонија, една од гостите од Србија и една од гостите од Албанија. 37 учесници од кои 30 ученици и 7 професори заедно од трите држави ќе земат учество во проектот. На 14.06. во КИЦ – Офицерски Дом ќе се одржи концертот на учесниците во овој проект, кој како круна на 4-те денови поминати заедно во меѓународна културна симбиоза, ќе блесне и ќе го заокружи настанот, со што нашиот град Битола ќе се збогати со уште еден културен настан за паметење.
Самиот проект структурно коципиран е врз идејата за што поголема мобилност и размена на култури помеѓу земјите од Западен Балкан. Целната група во проектот се децата, кои се наши музички амбасадори и класичната музика која што во овие времиња на влијание од секакви жанрови на музика, доаѓа до исчезнување.
„Голема е благодарноста и среќата што европските организации ја препознаа нашата идеа, која што ќе се потрудиме да ја реализираме најдобро што можеме и со тоа да ја направиме нашата земја и нашиот град уште побогат со културни настани и случувања“ – изјавуваат од Здружението Пијано.
Проектот е реализиран со поддршка од Western Balkan Funds и EU. Здружението на пијанисти и музички педагози Пијано Битола е формирано 2018 година од професионални педагози по пијано како и од група ентузијасти и љубители на класичната музика.
Целта на здружението е да се подигне нивото на музичка култура, културата на слушање на класична музика во нашиот град, како и да се имплементира еден нов начин на едукација на нашите млади таленти кои што треба во иднина да ја продолжат музичката традиција, преку интернационални проекти, семинари, работилници, мастеркласи и сл.