Book’s House приреди извонредна вечер и докажа дека станува бренд на културната литературна сцена во Битола

Book's House nastan хуманитарен

Саботна ноќ, една посебна септемвриска магија, пријатен и урбан амбиент, книга и музика. Така изгледаше настанот кој Book’s House го организира во локалот Бар Општина, место кое се наоѓа веднаш до книжарата.

Именуван како „Хуманитарна вечер со македонски автори“, настанот зборуваше за истата цел. Се собираа средства за да се помогне на социјално загрозените семејства. Kако и за средношколците со попреченост (дел од паралелките на СОУ Таки Даскало Битола). Вокалот на Сара Петровска и Дејан Трајковкси, пијано, придонесоа за уште поголема величественост. Не потсетија на токму онаа Битола која ја знаеме. На евергрини и градски шмек. На класичното рандеву кое напати си го правиш тет – а – тет со уметноста. Битолчани ја покажаа својата хуманост на настанот кој го организираа Book’s House и Бар Општина. Меѓу бројните компании кои ја поддржаа оваа иницијатива, настанот беше поддржан и од СН Осигурителен Брокер, компанија која често се приклучува на вакви подвизи и континуирано ја буди општетсвената одговорност и свест.

Book's House nastan

И некаде низ мирисот на книги од Book’s House, воодушевувачките коктели од Бар општина и уметноста што секогаш успева елегантно да кокетира со нашите глави, уживавме во друштво на оние кои стојат зад пенкалото. Зад тастатурата, зад листот, зад приказната. Се продаваа книги од македонски автори, а тие часови творечките легенди и звучни имиња од македонската литературна книжевна сцена, беа дел од нашиот видокруг. Барем за момент го имавме тоа „право“ да се „наметнеме“ во нивната „биографија“. Или можеби еден ден ќе станеме дел од концептот на пенкалото и нивните нови книги, кој знае…Барем така тајно си се понадевавме…

Имено, Разбуди се, успеа да поразговара со Оља Петрушевска – Томева, докажано име во областа на литературата, авторка на „Одмазда на богомолката“; „Најслаткиот филџан кафе“, „Сагата за Рајна“ и многу други дела кои брилираат и со посебен автентичен потпис ја воодушевуваат читателската публика. Комплетниот разговор и интервјуто кое го направивме со писателката ќе биде објавен наскоро на нашата страна.

Book's House nastan Оља Петрушевска Томева

Како е да си автор, творец во оваа земја. Како е да си уметник, како е да живееш во тој паралелен универзум кој е далеку од „обичните“ апетити? Постои ли одговор на можеби најзлоупотребуваното прашање посочено кон еден уметник: Од каде црпиш инспирација?

Book's House nastan Оља Петрушевска Томева

-Ако правиме интервју, би ве замолил да не ми го поставувате тоа прашање. – Во кежуал разговор, низ шега ни рече Јордан Коцевски, еден од авторите кој покрај професионалниот ангажман како туристички водич, континуирано остава свој уникатен печат во македонското литературно творештво.

Се согласивме дека тоа е навидум едноставно прашање, а од своја страна е толку нејасно. Веројатно шегата потоа доживеа пиетет и длабочина, па заклучивме дека прашањево отвара дискусија. Како да води до реторичност, некаква дезориентација на одговорите. Едноставно, тоа не е некое прашање што може да произведе концизен одговор.

– Инспирацијата не ја бараш… Таа доаѓа ненадејно, а понатаму сѐ е работа. Потоа е лесно. – додадоа авторите, еминентните имиња кои заслужуваат наклон до земја. Така, обидувајќи се да ви доловиме дел од „пулсот“ на атмосферата во можеби најурбаниот простор и срцето на Битола, би поентирале:

Септемвриската ноќ и настанот на Books House, под мотото: „Нашето малку, некому може е доволно“, зборуваше за амбициозната идеја на овие две урбани „станици“. За Јулијана Делев, газдарицата на книжарата која зад себе креирала и други настани од ваков тип. Со симпатична насмевка, растрчаност и голем труд што неспорно доаѓа од љубовта кон нејзината работа, Делев ни откри дека следат и многу идни проекти. Настани кои ќе ја разбудат свеста за пишаниот збор, за нашето литературно македонско творештво. Како и настани за хуманоста, човечноста, уметноста и аплаузот кој го заслужуваат малите и големите креативци.