Изминатиот викенд, во „Бајк Парк Смолево“, во организација на „Екстрим Бајк Тим“ од Битола се одржа втората „Smolevo Uphill Race“. Трка со планински велосипеди на нагорнина. Трката се одржа на патеката за искачување која се протега од црквата „Свети Атанас“ – Смолево до каналот, во должина од 2,8 км, висинска разлика 187м, со средна тежина и најстрмен нагиб од 7%.
Меѓу натпреварувачите, лиценцираните велосипедисти, настапуваа во категориите:
јуниори, кадети, сениори, мастерс и жени, додека категориите на нелиценцирани велосипедисти беа поделени на:
хоби 12 – 16 години, хоби 16+ години, ветерани 45+ години и електрични велосипеди.
Овој настан, трката со планински велосипеди, беше вистинска потврда дека, спортот создава посебна енергија и атмосфера исполнета со многу адреналин и спортски дух.
Натпреварувачите и публиката ги поздрави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, кој им честита на организаторите и наградените и нагласи дека локалната самоуправа продолжува да биде поддржувач на ваквите активности, а пред се на создавањето услови за нивна реализација.
„Smolevo Uphill Race“ прераснува во мега бајк евент во нашата држава. Ви благодариме на сите учесници и посетители за присуството. Се гледаме наредната година“, порачуваат организаторите од „Екстрим бајк тим“.