Силна волја, посветеност и доверба во себе – „Биди своја“ ги мотивира жените и руши рекорди! Тимот со прво место на познатата трка на прилепчани „Че трчаме“
Целта на нашиот интернет портал, е да успееме да ја разбудиме свеста. Човечката, онаа латентната, онаа која понекогаш е потисната далеку од сите во својата комфор зона. Надвор од тоа удобно, „Разбуди се“ претендира кон искачување на пиедестално место и ги промовира оние кои никогаш не се откажуваат од целта. Оние кои знаат да мотивираат, да не охрабрат, да ни влеат доверба. Оние кои знаат да ја истрчаат животната трка.
Токму затоа Маја Атанасовска повторно се најде на страниците на нашиот портал. Имено, на трката во Прилеп „Че трчаме“ за која деновиве доста се зборува, тимот на „Биди своја“, издвои победа и го освои првото место. Ова се храбри девојки кои не зборуваат само за физичката кондиција и фактот дека секако здравјето е нешто за кое најповеќе треба да се грижиме. Освен ова, нивната цел е да ги потсетат жените дека ја имаат таа моќ да направат што и да посакаат. Можат да рушат бариери, само ако веруваат во себе, ако се посветени и ако имаат желба.
„Факт е дека секој од нас си има од „тие денови“ во кои мисли да се откаже од сопствената цел, од сопствениот успех. Во токму тие моменти на секоја жена и треба поддршка и некаква мотивација.
Мотото на тимот на „Биди своја“ е токму тоа. Да ги разбуди девојките и жените и да ги мотивира. Понекогаш, од друга страна, нормално е дека ќе изгубиме, но преку нашата победа (и многу други врвови кои сме во план да ги освоиме), сакаме да пренесеме порака дека и кога губиш и кога добиваш, во животот секогаш треба да бидеме свои. “
Со Маја заедно стигнавме до ист заклучок:
„Исправи се и никогаш не се откажувај. Не се обидувај да бидеш нечија копија, биди ти, посвети се на себе. За да победиш на една трка, освен физичката подготвеност, најважен е и умот. Разбуди се! “