Како да се враќа од небото – Тоше Проески во ,,Разбуди се”

Тоше е доказ дека не мора да го знаеш лично човек за да го сакаш. Тоше е личност која ја љубиш и сега и тука, денес. После 17 години од неговото… Само физичко неприсуство.

И иако не е со нас оваа душа, оваа енергија (како да се обраќам на апстрактното и возвишеното), зборувам во сегашно време. Како да должам текст посветен на најголемата музичка ѕвезда што македонската сцена ја памети!

Си реков, ајде де нема потреба. Сите денес ќе пишуваат за Тоше. И повторно истото и одново исти и стари приказни. И издржав до ноќва. Еве сега поминува 11 часот и ги користам последните минутки пред полноќ за да честитам роденден на великанот. Зборувам за роденденска честитка сега, како да е тука, овде, во овој презент.

Всушност, вистината следи една приказна

Вистината е дека Тоше боли до секоја клетка кај сите оние кои го знаевме. На оние кои го слушаа и слушаа таква музика, а и оние кои не сакаа такви жанрови. Вистината е дека и тогаш сакав да пишувам, но не можев. Не умеев. Се плашев. Како да зборував. Како да ми зборуваше. И вистината е дека не верував дека е мртов. Дека тоа е само некое сценарио. Лажно. Дека ќе речат Април и шегата одлучија да траат. Дека нешто ќе застане, ќе викне, ќе го врати времето. Не можев.

Чудно е колку го сакавме и колку го сакаме уште до тоа негово небо. Но, не чуваат ли нас пријателе од зло? Се чуваме ли од зло како што ни велеше ти: „Чувајте се!“

Беше тоа чудна еуфорија составена во два збора ТОШЕ ПРОЕСКИ. И крај. Сите беа будни околу неговиот живот, кариера.. Се следеа магазини, настани, на секое ќоше се свиреше и пееше неговата песна. „Каков бил како дете, каков е сега?“; „Го променил стилот. “; „Колку е скромен.“; „Ене го.“; „Слушнете го.“; „Каков глас… Каков глас.. Каков глас!“

Како да беше премногу силен, премногу моќен за да сподели толку голема енергија што секогаш ја даваше во несебичното: „Ве сакам сите!“ И се некако сите знаевме дека не сака. Дали денес би му верувале барем на еден човек толку многу. Скептично е денес нели? Хммм… Денес не му веруваме ни на свјојата сенка.

Имав јасен план. Да стигнам до него!

Сонував за разговор, за повеќе од тоа: „Може да се фотографираме?“ на случајна средба кај крушевското езеро. Со огромна насмевка не прегрна и се форографиравме. Немаше селфи, немаше телефони. Имаше еден апарат што го „влечкавме“ и потоа едвај чекавме по некоја недела да излезат тие фотографии. Затоа што меѓу нив, беше онаа на Тоше. Планот, ми беше навистина едноставен. Ок, можеби за некој не е. Едноставното во планот всушност беше само дека ќе си направиме муабет.

За таа цел да се оствари, требаше да смислам „како“?

Имав совршена стратегија. Сцена, театар, камера и медиуми. Сигурно еднаш ќе се сретнеме. Тој е тој свет. И почнав да сонувам уште повеќе и уште посилно за сцената. За театарот. Имав уште еден мотив. Да ја запознам таа енергија преку еден едноставен… Разговор. На кафе. Сакав да ми објасни тој човек. Како е да сакаш толку? Се трошиш ли? Дали си уморен..? Како е да дадеш се од себе и толку енергија. И сѐ одеше по планот. Бев на сцена и пред камера и во тој свет, само тој не беше таму. И сега стигнав до тој мој посакуван разговор. Конечно имам страни, медиум, простор каде се може да си кажеме, но него го нема… Го нема веќе…

Да научиме нешто од Тоше. Време е. Љубовта љубов раѓа. Лесно е. Ништо не е толку сложено. Нема ништо полесно од тоа да сакаш. И само да сакаш. Пуштете ја љубовта, дајте ја! Оставете ја да се множи, да циркулира, да дише. Помогнете, подарете, дајте им воздух, простор… Решете го проблемот, а не од еден да правите цел концепт на сложена глазура од тоа токсично.

И конечно… Сигурна сум дека ако беше тука и сега, ќе не удостоше со голема чест и ќе направевме интервју со тој човек, со таа искрена и вистинска душа. Ќе беше достапен и ќе ни подадеше рака. Ете така… Не знаеме како. Но, сме сигурни дека Тоше навистина не сакаше сите. Без скепса, без план Б кој сега редовно следи во најчестиот случај: планот А да не ИЗЛАЖЕ!

Токму затоа, заслужува да биде тука. На нашите страници, и воопшто не е парадоксално дека е сега, денес во интернет портал, насловен,, разбуди се”. Заслужува да живееме токму како што ни велеше. Токму како што сакаше. Токму како што не сакаше. Да се разбудиме во свет на љубовта…

Во продолжение слушнете ја новата песна за која сите социјални мрежи зборуваат. Се претворивме ли во свет на лајкови додека некој плаче? Среќен роденден Тоше (со задоцнување! Last minute sorry…) Но, болиш уште. Тешко е да се пишува за тебе!) Се надевам дека таму некаде си буден во тој убав човечки свет, затоа што тука сме само форма. Но, ќе го промениме тоа. Ќе се возиме во убавото.

Поентираме со неговото: Сите ве сакаме и чувајте се!

Пишува: Eлена Трпковска Наумовски