Тоа утро, на изглед рутинско, го почнав како и многу други. Кафе – продавница… Но, знаев. Деновите се наближуваа. Воздухот мирисаше на густо лето, и на еден ужасен јуни од пред три години. На болка што до балчак пече.
„Знам дека убаво пишуваш. Напиши текст. Напиши за Неа.“ – Ми рече со таков молбен глас, токму оној што само една мајка може да го има. Со онаа тивка, топла прегратка што не беше само моја. Туку и нејзина.
Се издишав. Грутка ми застана на грлото. Знам, пишувам. И сакам за сè да пишувам. Но, овој пат не ми треба мастило. Ми треба тишина. И солзи. А најмногу боли кога ги имаш тие солзи иако си се убедувал дека веќе не плачеш. Дека си научил да живееш без уште една твоја душа.
„Ќе го напишам – реков – Но, не можам да го прочитам на глас.“
Се засрамив. А тогаш сфатив – не ме срамеше зборот, туку болката. За неа.
,,Ќе плачам.” – признав.
Болка што тивко живеела во мене цело време, скриена, невидлива, но никогаш избеледена. Од оние болки што не знаат за ,,the end”. Оние болки кои ги носиш секој ден, час, минута… И ти се враќаат. Оние болки што не се забораваат, а не сакаш да ги пуштиш.
Но, велат – криењето не е бришење. Тоа е само бегство од дефиницијата за постоење на смртта. А од својата вистина не се бега. Од местото каде што го чуваш пак и својот свет – уште помалку.
Заминав. Договорив текст кој го влечкам веќе повеќе време. Запалив цигара. Во 8 наутро. Ми стана уште пожешко. Застанав на мостот, издишав и си реков: ,,Прибери се ало! Смртта е составен дел од цела оваа приказна. Од цело фиаско. Од цел ролеркостер. Исто ко и љубовта… “
Стигнав дома. Чекав цел ден да помине за да напишам. Го отворав и затворав лаптопот. Потоа чекав да дојде 2 часот сабајле за да дојде таа брилијантна идеја. Наместо тоа го земав телефонот и играв некои глупави игри оние кои велат ги играш штом те удира депресија. Или јас си велам… Штом те удира љубов. Штом болката ти станува огледало.
,, А што е љубовта? Што е услов? И постои ли љубов без него?” – конечно напишав или веројатно запрашав дури испив голтка црвено вино во утрото кога светот ни спие. Потоа како да само навираше. Одговорите се редеа над тастатура без да ги размислувам.
Таа беше таква. Љубов без услов. Чиста, топла, ненаметлива. Таа беше светла. Колоритна. Со секогаш блескави очи и онаа нескротлива возбуда и за најмалите нешта.
Животот – можеби е само сон. Или можеби е она место каде ги испраќаме нашите најмили во некоја повисока реалност, затоа што ова тука… ова не изгледа вистинско кога ќе ги изгубиш.
„Душата што ја допрела љубовта, не умира никогаш.“ – Руми
Гневно си велиш, бараш, молиш: само еднаш. Барем уште еднаш да ја слушнеме. Неа да ја видиме. Да ни се насмее и да рече:,, Еј знаеш… оти стварно велевме, да се видиме утре… ” И да ја прекинеш: ,,Не утре. Сега.” Оти ко шо ми рекоа ние сме само минутка, момент е нешето постоење…
Но, тишината… Тишината ти враќа брутално во нејзин одважен стил, со три букви: ЕХО.
И тогаш, во тој молк, ја гледаш. Неа. Не како сенка, туку како светлина. Не како чувар што бдее, туку како смеа што одекнува во мислите, како утринска роса на цвет од петунија. Таа беше таква – ведра, јасна, шарена како нејзините зборови. Со став кој знае да го голтне мигот и да го живее со полни гради. Имаше љубов. Имаше живот.
„Ние сме само гости на оваа земја. Нашето траење не се мери со време, туку со траги.“
Таа остави траги. Тивки, но длабоки. Во збор. Во гест. Во секој што ја познавал. Таа не го живееше животот – таа го сакаше. Вистински. Без болка, без игри. Без илузии.
И сега ја нема. – затворив тастатура. Запалив уште една цигара. А потоа тивок ветер ми се разниша од никаде. Продолжив. – Но дали е навистина така?
Секогаш први заминуваат оние што најмногу љубат. Оние што го разбираат животот како подарок, а не како товар. Оние што ни покажуваат – што е таа љубов. Безусловна. Без очекувања. Без стеги. Само љубов.
Симона. По три години, уште не зборуваме за тебе во минато време. Затоа што живееш – во зборовите, во навиките, во погледите на оние што те сакале.
„Смртта не е крај. Таа е само вратата преку која љубовта минува во бесмртност.“
И нека не’ биде срам што ни фалиш. Нека не’ боли што те нема. Оти ти си била тука. Оти си оставила љубов. Оти си оставила светлина.
Бидете светлина во овој свет на темнина.
За Симона – љубов што не згаснува.
Пишува: Елена Трпковска Наумовски