Ја препознавате ли Македонија? Јас не! – Кои сме бре ние?

Ја препознавате ли Македонија? Јас не! - Кои сме бре ние?

Веќе е 4 часот наутро. Проклета недела, а ќе биде уште попроклет понеделник. Кога сфаќаш дека само 2 часа си поспал. Колумнава ќе ја закажам за утре. Сабајле… Вие, сега ја читате.. А што да читате? Ќе ве боли. Ја препознавате ли Македонија? Јас не! – Кои сме бре ние?

Колумна на Елена Трпковска Наумовски – Нена

Цел ден се мислам што да пишувам. Има ли за пишување нешто? Се тресам над тастатура.. Се дури не сфатам дека… Имам бура од прашања, насобран гнев и едно клучно прашање што години наназад ме мачи? „Кои сме бре ние?! Ова ли е таа Македонија што предци ни ја чувале и ни ја подариле? За ова ли гинеле?“

Ја препознавате ли Македонија Македонци и имаме ли право да се нарекуваме така или само знаеме да се „чукаме“ по градите? Кои сме бре ние? Во амбис од црнила, врти една мисла по сториња. На Коле Чашуле е: „Како за нас, македонците, да се создадени сите црнила на овој свет!“ Кој е овој свет? Кои сме бре ние?

Ние кои ја гледаме земјава како добро платена работичка, што е вратка за глобалистички и партиски квази газди. Кои сме бре ние луѓе?? Глутница од суштества кои се кријат зад тастатура и фотки од феик живот?

Ја препознавате ли Македонија? Јас не! - Кои сме бре ние?

Кои сме бре ние? Имаме ли живот?

Сакаме ли живот? Зошто раѓавме деца? Зошто останавме тука?

Кои сме бре ние кои не мрзи и се криеме како преплашени скакулци за на борба за сеопшто добро?

Кои сме бре ние кои само плукаме кон оние со лажни дипломи и оние кои запоседнале собранија, министри, кравати, скапи пури, фондови, затворени врати… Гракаме во ист хор, а не пуштаме глас.

Кои сме бре ние и зошто се криеме? Кои сме бре ние што трчаме да поделиме флаери, да извадиме партиски книшки, да „дрпниме“ колку можиме и да сме амбициозни за муабетот „нишај врата земај плата“? Кои сме бре ние? Општество без грам колективна свест, само инертност… Само интерес, само добро калкулиран влог во учење на формулата „како до подлабок џеб“. Кои сме ние кои се задоволуваме со индивидуални успеси, а големите проблеми на заедницата ги игнорираме без трошка срам? Кои сме ние? Имаме ли право да живееме после ова? Не ни е ли срам?

„Фати врски, овде не одат така нештата. Жал ми е, немаш книшка. Не биди будала, снајди се! Стои во место, молчи, молчи, молчи и е*и му мајката.“ – Так ми велеа… На кого му е*авме мајката?

Изгубивме ДЕЦА! ДЕЦА луѓе!!! Деца! Во таа шупа, во таа најтажна приказна имаше невини деца, деца што допрва требаше да живеат. Имаше татко кој го прославувал раѓањето на синот… Имаше ангелски гласови кои пееа гласно! Така ли се пее пред смртта?! Таму… Имаше заљубени искри и први симпатии. Имаше желба, волја за живот и само една мала врата што не води никаде. Само стампедо од паника… Свесни ли сме колку е голема оваа трагедија и колку треба да викнеме?

Ја препознавате ли Македонија? Јас не! - Кои сме бре ние?

Кои сме бре и со кое право молчиме? Не сте ли гневни? Не ви доаѓа ли да земете камења и да удирате? Не по тастатура, не по џебот и да го потрошите она малку што сте го сработиле од таа “part time job“ по молови? Кои сме бре ние што препродаваме историја без око да ни трепне? А и што се бориме за територии, за граници, за некоја банка плус и пак молчи. Кои сме бре ние? Ние што ја ботоксираме иднината?

По ова ли ќе те паметат Македонија? Македонијо?!

Тагувај!

Само тоа барем знаеш да го правиш!

Ќе продолжиме ли да живееме после ова?

Кој е виновникот дами и господа и до кога ќе молчиме?

..Ќе бидеме партиски полтрони…

Ќе фаќаме врски,

ќе креваме кредити за да сме еден чекор поблиску до смртта?

Тагувај земјо моја! Барем тоа го знаеш.

Некои сме овде живи изгледа само по случајност

[post_tags]