Пред некој ден дури тоа малечко нежно раче, понекогаш бељаџивче, ама да не избегаме од клишето, не дека е наше, најубаво е, ме стегаше со пристињата за рака и… Како да ми го наметна најмудрото наивно, а толку големо прашање од толку мал човек: „А мамо имаш ли ти омилена боја?! “
Како е кога детето те прашува нешто што целиот свет не се осмелува?
пишува: Елена Т. Наумовски – Нена
И ок, можеби не е муабетот до прашaњето. Прашање ко прашaње обично е. Но, интонацијата… Интонацијата додека ја постави таа реченица со интерпукцискиот одважен прашалник на крајот. Прашалник на кој се разбира му прилегаше и извичник. Како капаче над лонче. Со чудење за миг застана. Ме погледна во очи и ме запраша: ,,Имаш ли ти омилена боја?!” Како да ми рече:,,Застани, смири се и ајде да видиме што правиме со тој твој хаос. Ти немаш омилена боја, а што останува за друго! “
Во очите му ја видов душичката и грижата. Знаеше дека умот не ми е тука. Дека сум се поотсутна и дека понекогаш и ние ,,возрасните” сфаќаме дека пеколот не е кај Алигери, ами го газеш, а велиш дека си тука. Не бев тука. А дали како и секоја мајка и жена – имав право да не бидам? Секако дека не. Исклиширано е. Жените на Балканот не смеат да не бидат тука. Колку и да им е волја да одлетаат.
И чукаш на сите врати. И се бориш и туркаш и влечеш планини и те туркаат во апсурдот на Сизив и цел тој политички наметнат систем, цело квази и цело тоа:,, Ех одлично. Секоја ти чест. Но, да беше ти Америка или било каде… Извини, знаеш обврски… Не можеме. Тесно ни е времето инаку.. “. И ја немаш и не сакаш да ја имаш таа холивудска ѕвезда што ќе те бодри ко твој прв роднина. Го немаш тој џеб, таа врска што отвара врати од брилијантин… (Тука е најбедно да имаш талент.) И од толку што знаеш што сакаш, понекогаш те тераат да заборавиш. Да немаш време, да си во куп обврски и правци и да ти трупаат комплименти како:,, Браво колку си амбициозна! ” а потоа да ти солат ум дека нема да успееш оти си растргнат. И колку и да се правиш дека нивните убедувања немаат врска со твоите, пак ги имаш. Оти не знаеш да молчиш. Оти требало да молчиш пред се да се случи. Да ЌУТИШ!
Дали ако молчиш ќе го растуриш балансот на цел универзум и цел план што Бог ти го креирал?! Никогаш не научив да молчам, си велам...
,,А како тоа не знаеш која боја ја сакаш? “ – ме прекина син ми… „Па…“ И тогаш сфатив. Јас немав омилена боја. Ова ми се случува на секои 5 години. Пред 5 години на час по јога, сфатив дека цел живот дишам наопаку. И тоа беше сè – вежба за дишење која ми откри дека сум несвесна за најосновното. „Па цел живот сум дишела наопаку! – ја насмеав групата. Што останува за другото.“ – ја насмеав групата.
Но, не сум сигурна дека она што го мислев ми беше вицкасто.
Насмевката и некоја (нескромно) одлична смисла за хумор, ми е адут. Цел живот знам да ги имам. Или можда научив да ги имам. Но, и Џокер знаеше да ја нацрта. Се чудам како една насмевка може да сокрие толку голем хаос. Толку големи траги од болка или да не бидеме погрешно сфатени не од умирачка ами од рана, од неочекуван пресврт и изненадување. Па и..не толку убаво. Оти раната повеќе боли. Умирачката е само миг и толку. Завршува. Но, раната останува и ја чуваш. Со тек на време учиш да ја заборавиш или..
Не ти е тешко што те разочарале… Никој не те повредува. Само те учат како да ја премолчиш болката.
До сега плачеме, следно е да ,,ќутиме“!
Исто како и тој ден кога тие мали рачиња ме гушнаа околу половина и само тие продреа толку што дури дојдоа до вистински солзи:
„Мамо па ти не знаеш која ти е омилена боја! Ајде да откриеме!/Сина – реков./ Не може. Сината е на небото. /Па може да е и моја нели./Но, која е вистински твоја? – ми рече. Знам дека таа не е./ Црвена, издишав како на испит каде не си сигурен за одговорот./Светла или темна, ме запраша? / Па обична./ Како тоа обична мамо? Мора да знаеш. Која ти е омилена боја?!
Застанав. Тука на сред зеленило во маалскиот парк. И почувствував. Сфатив. Јас морам да одлучам која ми е омилена боја. Морам да научам да дишам. И од толкав спектар на бои што ми ги понуди јунаков, сфатив.
-Зелена. Дефинитивно зелена.
-Зошто? – Ме запраша умно.
– А зошто ти е тебе портокалова?
Потоа, мудро ми одговори. Можеби не мудро и тоа беше навидум обичен разговор на детенце, но во мојот комплициран свет, неговиот спектар на бои за мене беше спектар на мисли кои те тргаат на сите страни. Те возат на рингишпил, ти влепуваат шамар и потоа те враќаат во место.,,Портокалова затоа што такво е нашето сонце. Моето, твоето и на тато!” Потоа ја раскажа приказната за неговиот најубав ден додека трчаше покрај морето под залезот и портокаловото сонце. Од таму е портокаловата.
Сфатив дека омилената боја е онаа која те враќа на најсреќниот миг. Зелена, затоа што е живот. Затоа што е сигнал оти студот заминал. Затоа што го испративме тој Јануари. Зелена затоа што го смирува хаосот, ги одмара очите, ја отвара душата, и те тера одново да живееш и да се вратиш. И по толку порази одново да пробаш. Затоа што знаеш да легнеш на таа ливада и да вдишеш длабоко и да издишеш. Животот е горе и долу, и најдолу и најгоре, но со вистинските раце што навистина искрено те гушкаат и во најголемиот спектар, ќе ја најдеш твојата боја. Но, треба да знаеш која е. Светла или темна.
Живот… Затоа што секој од нас има право да нацрта насмевка, но задолжително да ја избрише брзо и да ја носи својата. Затоа што понекогаш мораш да одбереш, но не и да заборавиш! Затоа што понекогаш сфаќаш дека никој не е повреден, само си учел како болката и раната треба да се премолчи, а потоа да ја пуштиш. Да вдишеш и издишеш, како за прв пат.
….. ……. ……..
A на крај небото… На крај небото се криеше во боја на скарлет.