Ги броиме деновите до настанот кој внесува нов етер во уметничката сцена на Битола. Велам уметничка, затоа што модата сама по себе е уметност. И кога сето тоа ќе се спакува во еден културен дијалог помеѓу образованието и бизнис секторот, кога ќе се нагласи иницијативата за враќање на довербата кај стручните училишта, се добива идејата наречена „Креативен ден“. Денес, „разбуди се“ поразговара со еден од тим овите на настанот и со возбуда ви го пренесуваме разговорот во целост. Светот би можел да биде убаво место, со убава и позитивна енергија. Само се зависи од нашата иницијатива, нашата волја како сето тоа да го промениме, кога соработуваш со вакви талентирани, креативни и позитивни луѓе, не ти преостанува ништо освен да ја гледаш таа шармантна страна на животот. Има ли нешто поубаво.
Разговараме со Наташа Тасева – моден дизајнер и модел, дел од тим от на „Креативен ден“ кој доаѓа од Штип. Со љубопитно око ја следиме нејзината работа и начинот на кој Наташа го доживува модниот крик низ нејзините креации. Одоговорен пристап и амбициозен импулс, нешто што само најголемите сонувачи го имаат.
Разбуди се: Наташа која е всушност целта на настанот „Креативен ден“ и како вие се вклопувате во оваа приказна?
Целта на настанот „Креативен ден“ е прикажување на нашите идеи како модни творци. Низ призмата на гламурозните креации коишто ги усовршуваме, ја покажуваме страста за осветлување на модата како медиум во нашата земја.
Разбуди се: Интересно е што вие сте и модниот дизајнер и моделот. Зборувајќи со тимовите, модните дизајнери велат дека се инспирираат од сензабилитетот, карактерот, темпераментот и самата енергија која ја носи моделот. Како е да сте во двете улоги и апро по, колку е тешко да се откриеме сами доколку за нас зборуваме од трето лице? Во поглед на модата колку е тешко да го пронајдеме нашиот стил и дали тоа треба да биде идентитет на една личност?
Пронаоѓањето на стилот и неговото значење е константен процес. Без разлика дали станува збор за личен стил или нашиот печат како моден дизајнер, секогаш имаме простор да чекориме низ нови територии. Инспирацијата кај креативците е непресушна, колку повеќе ја користиме-толку повеќе ја добиваме одново. Навистина не е толку значајно како сме стигнале до неа. Секој има свој пат и начин на размислување. Но, кога сме кај црпењето на инспирација и нашиот избор, првенствено таа секогаш потекнува од самите нас. Нашата личност е неизбежна во уметничкиот процес.
Го запознавме и Огнен Митревски, ученик и дел од овој тим на „Креативен ден“ од Штип. Неверојатен ентузијаст и младешка храброст, истрајност во одлуките и секако позитивна енергија што знае да го фокусира погледот кон убавото.
Разбуди се: Како се пронаоѓаш во целата приказна на „Креативен ден“? Mожеш ли да ни издвоиш една порака… Цитат кој би бил апел за младите дизајнери и општо личности кои се плашат да сонуваат?
„Креативен ден“ за мене претставува платформа каде што ја обелоденувам својата уметничка енергија во еден финализиран, моден облик. Нашата креација е одлика на нашата долгогодишна соработка и е една од многуте проекти на коишто со гордост се потпишуваме двајцата.
А, секому што не си дозволува да сонува би му кажал дека „на бродот му е најудобно да стои на пристаниште, но бил измислен да направи бранови движејќи се низ морето“. Разбранете го монотоното така што ќе ги избришете линиите кои ве ограничуваат.
Разбуди се: Во однос на соработката, која е твојата улога?
Конкретно за оваа прилика, соработувавме во креативната дирекција на дизајнот. Повлечени од овогодинешната тема и женствениот јасмин, создадовме безвременска тоалета.
ЗА ПОТСЕТУВАЊЕ „КРЕАТИВЕН ДЕН“ Е ИДЕЈА НА ПРОФЕСОРКИТЕ АНИТА СТЕФАНОВСКА, ЕМА ЌУКА И ЖИВКА ТАНУШЕВА ИЦАНОСКА ОД ТЕКСТИЛНАТА СТРУКА ВО СОУ „ТАКИ ДАСКАЛО” БИТОЛА И ВЕСНА БОЖИЛОВИЌ ОД ПРОДУКЦИЈАТА „БОЖИЛОВИЌ”. ,,PERWOLL RENEW”, СО ЗАДОВОЛСТВО СЕ ПРИКЛУЧИ НА ИДЕЈАТА. ВЕДНАШ ПОТОА И ДРУГИ БРЕНДОВИ КАКО ТРИТЕКС СО СВОЈОТ УНИКАТЕН ПРЕПОЗНАТЛИВ СЛОГАН „TRITEX UNDERWEAR-СИНОНИМ ЗА КВАЛИТЕТ“ ГО ПОДДРЖАА ОВОЈ ПРОЕКТ. СЕКАКО И „КРЕТИВЕН ДЕН“ СТРЕМИ КОН ПРЕТСТАВУВАЊЕ НА СЕТО ОНА ШТО Е КВАЛИТЕТНО. НА ТАЛЕНТОТ И УМЕТНОСТА ВО ФАНТАСТИЧНА СИМБИОЗА СО КУЛТУРАТА И МОДНИОТ ПУЛС НА ГРАДОТ.