Тој ја владее медиумската сцена. Број еден на социјалните мрежи и лице кое сите го препознаваат. Според нас, заштитен бренд на она што се нарекува:,,Кога се сака, сѐ се може!” Започна од ништо, но како што велат, упорноста и храброста ги следи успешните. Над сето тоа кога ќе додаеш малку од зачинчето љубов кон професијата, успесите се неминовни. Актуелен, секогаш во чекор со светски трендови кога станува збор за својот поткаст и останатите професионални ангажмани… Млад човек кој упорно се бори до врвот. Токму овие личности ја ,,будат” свеста и надежта. Мотив, инспирација и пример за неуморен човек кој одново знае да не разбуди. Ексклузивно, Стефан Лазаров во,, Разбуди се”.
И откако си подумав… И пак подумав.. Си одлучив да му пишам. Така, стапив во контакт со Стефан, се претставив, а тој на моето дискретно прашање дали ќе сака да биди дел од страниците на Разбуди се, ко „из пушке“ ми одговори:,,Здраво Елена, те знам како не 😁 На толку смеење во животот ти должам барем едно интервју:))“ И така помина тремата и моментО на битолски шо си го велиме (читај со туфкање и паника): Леле? Шо ќе речи чоекот…? И јас брзам… Со каква храброст му пишам на Стефан Лазаров Еј!“
…После тоа, веднаш си пристапивме на „ТИ“. Брзо сфативме дека нема тука надменост и некој момент од типот „каде бев, а каде стигнав.“ Зад неговиот профил се крие скромен и културен дечко, отворен и достапен за соработка. Стефан, јавно ти благодарам што одвои време за нас. „Разбуди се“ ги следи токму будните и оние кои никогаш не се откажуваат од своите светови.
…И доста е со сторителинг… Јас пак се зазборував. Еве што муабет си направивме…
Разбуди се: Кој е Стефан Лазаров? Како се измисли приказна на едно од најпопуларните имиња во медиумскиот свет? Случајност или добро смислен план?
Мислам дека ова прашање е најтешко да се одговори… Јас сум само еден обичен дечко кој се бори во овој суров свет да ги оствари своите соништа и да им помогне на своите блиски…Приказната се пишува секојдневно, планот и замислата воопшто не беа вакви. Впрочем кога почнав, јас немав ни план ниту очекувања. Едноставно овој медиумски свет ме зграпчи, а со текот на времето се пронајдов во него и почнав да си создавам свој свет. Многу ми е драго што на народот тоа му се допадна и сега можам да се пофалам со платформа од над 100,000 следбеници…
Разбуди се: Дали можеби се започна од,, штиклата” на Сергеј Варошлија?
. Па да, така и започна се. Како што кажав, без план и визија и дефинитивно без никакви очекувања. Тоа што го направив беше пародија, а сега токму поради тоа и ја работам оваа работа.
3.Минуваш низ твоите пет минути. Е баш таму, знаеш кој вреди, кој ти вреди, а кој не. Имаш ли пријатели?… Или од што толку те разочарале? Постои ли човечност или се е некаква трка за престиж, па потоа доаѓа завист, користољубие и така натаму..?
Пријатели од многу се сведоа на двајца, се друго е блиски соработници. Искрен да бидам многу видов за годиниве. Проживеав работи што ме направија многу по мудар и посозреан. Знам да проценам веќе, а бев наивен за многу работи. Затоа сега многу луѓе знаат да кажат дека сум арогантен. Но, едноставно научив да си го бранам своето. Завист и користољубие имало, има и ќе има. Ако си свесен, нема да те уништи никој.
Разбуди се: Ако имаш можност, би живеел ли во време пред социјалните мрежи?
Мене ми се допаѓа ова време. Ова е време на многу можности, идеи, креативност. Се пронајдов во ова време и не би го менувал.
Разбуди се: Што ќе беше Стефан ако не ова? Ќе имаше ли можеби фудбалска кариера?
Ако не се повредев, дефинитивно ќе имав фудбалска кариера.
Разбуди се: А што ако си политичар? Би променил ли нешто?
. Хахаха, Стефан политичар 😊 Не би бил политичар никогаш. Убав ми е животот хахаха…
Разбуди се:Македонија или надвор од неа? Колку ја сакаме нашата земја и дали сме будни?
Многу си ја сакам земјата и имам среќа да успеам во истата. Но, реалноста е дека е многу тешко тука. Системот е ужасен, можностите исто така. Најлошото тука е што ретко со кого имаш да ја споделиш среќата или успехот. Многу повеќе има тага, разочарувања и мизерија, затоа и луѓето се љубоморни и имаат завист. Но, јас не би живеел на друго место. Има и многу позитивни работи кои на друго место ги нема.
Разбуди се:Неодамна со твојата избраничка ја крунисавте љубовта со свадба. Што значи институција брак за тебе? И што е она во кое се вљуби во Марта?
Брак како брак мене лично не ми значи многу, ниту пак нешто се смени посебно откако се земавме. Битно ми е да се разбираме, поддржуваме и сакаме. Битно ми е да се градиме заедно и да си помагаме да станеме подобри и поуспешни луѓе. Се заљубив во нејзината убавина, скромност, чесност, лојалност. Буквално таа е мојот свет. Кога таа не би била со мене искрено не знам дали ќе функционирам толку добро.
Разбуди се:Среќа или работа? Кој е штосот?
А зошто да не среќа и работа? Најубаво е кога работиш нешто што те прави среќен. Ете токму тоа се случува кај мене😊
Разбуди се: Сметаш ли дека и најлошата и најдобрата реклама сепак го имаат истиот ефект? Има ли вистина во она,,Секое лошо за добро”? И дали по секоја цена би рекламирал?
. Па во шоубизнисот не постои лоша реклама. Ете, негативна реклама може да ја наречеме, таа најчесто ти носи и многу повеќе од позитивна.
Разбуди се : И што мислиш, како еден ден Стефан Лазаров ќе гледа на оваа успешна приказна?
Ќе биде горд што направил се сам од ништо. Без денар, без помош финансиска од никого. Ќе биде горд што поставувал стандарди. Но, дај Боже се ова да продолжи па понатаму да збориме на оваа тема.
Разбуди се: Имаш ли некоја тајна што никогаш нема да излези во јавност?
Па ако ви кажам ќе излезе 😊