Од сите приказни, омилени ми се оние што знаат што е корелација помеѓу уметноста, уникатниот печат и традицијата. Токму таа е приказната на Назифе. Нејзините рачни изработки и плетки ќе ве воодушеват, а нејзините одговори за Razbudi Se ни отворија уште едно прашање кон амбицијата. Дали љубовта победува и дали уметничкиот порив за рачните изработки со посебен моден печат може да ги победи трендовите? Нашиот заклучок е, секако, дека да. Во свет на фејк, конзумеризам и слепо следење на модните наметнувања, не би ги заборавиле автентичноста, рачната изработка и вредноста. Интервју со Назифе, потписот кој стој зад македонскиот бренд кој допрва ќе се чуе,, Плетара”.

Кога рачната изработка станува уметност - приказната на македонскиот бренд „Плетара“
Кога рачната изработка станува уметност - приказната на македонскиот бренд „Плетара“

Од кога се занимавате со плетење и кога започна вашата приказна?

– Со плетење се занимавам уште од мојата 14-годишна возраст. Да плетам научив со мајката на мојата другарка, а првото нешто што успеав да го изработам беше шлајфер за маса и четири салфетки. Во тоа време токму тоа беше модерно. Така започна мојата приказна – од љубопитност и желба да научам нешто ново, а со текот на времето плетењето стана неизоставен дел од мојот живот.

Што можат да пронајдат љубителите на рачна изработка во вашата понуда?

– Во моментов нашата понуда е насочена кон рачно плетени ташни, капчиња и други модни аксесоари. Но низ годините сум изработувала најразлични производи – од комплетчиња за бебиња, повојни пелени, бебешки чевлички и калчуни, па сè до многу други рачни изработки. По иницијатива на моите купувачи, а особено по охрабрување од мојата внука, целосно се посветив на изработката на ташни, кои денес се нашиот главен производ.

Кога рачната изработка станува уметност - приказната на македонскиот бренд „Плетара“
Кога рачната изработка станува уметност - приказната на македонскиот бренд „Плетара“

Дали изработувате производи по желба на клиентот?

– Да, секако. Желбата на клиентот е токму она што ме мотивира да креирам нови модели и да создавам нешто уникатно. Секоја ташна ја изработувам по нарачка, во договор со клиентот – од изборот на бојата и материјалот, па сè до најситните детали. За мене е најважно секој да добие производ што ќе го носи со задоволство.

Колку време и труд се потребни за да се изработи една рачно плетена ташна?

– Времето зависи од моделот, материјалот и самата плетка. Во просек, за една ташна се потребни од 20 до 40 работни часа. Но, покрај времето, рачната изработка бара огромно внимание, трпение и прецизност. Искрено, тешко е да се измери колку труд, љубов и енергија се вложени во секој производ. За мене секоја ташна е посебна, уникатна и создадена со многу љубов. Не гледам само готов производ – гледам дел од себе вткаен во секоја плетка.

Кога рачната изработка станува уметност - приказната на македонскиот бренд „Плетара“
Кога рачната изработка станува уметност - приказната на македонскиот бренд „Плетара“

Според вас, колку денес се цени рачната изработка и што ја прави толку посебна?

– За жал, рачната изработка многу често е потценета и искрено не верувам дека секогаш се вреднува онолку колку што заслужува. Но, ме радува тоа што новите генерации сè повеќе ја препознаваат нејзината вредност и вложениот труд. Се надевам дека во иднина секоја рачна изработка ќе биде ценета онака како што навистина заслужува, бидејќи верувајте ми – заслужува многу.

Она што ја прави посебна е пред сè нејзината уникатност. Не постојат две целосно исти рачно изработени ташни. Покрај тоа, тука е и квалитетот – една рачно изработена ташна може да трае со години, за разлика од многу фабрички производи. Дополнително, секој производ може да се прилагоди на желбите и потребите на клиентот, што му дава уште поголема вредност.

Што би им препорачале на оние кои сакаат да започнат или да продолжат со рачна изработка?

– Би им препорачала пред сè да започнат со љубов – и тоа со многу љубов. Ако нешто не се работи со срце, резултатот никогаш нема да биде оној што го посакуваат. Да не се откажуваат кога ќе наидат на пречки, да не дозволат демотивацијата да ги сопре и секогаш да бидат отворени за нови знаења. Во оваа област постојано се учи и секогаш има простор за надградување. Најважно е да бидат креативни и да создаваат нешто свое, нешто што ќе го носи нивниот личен печат.

Како се роди идејата за „Плетара МК“?

– Идејата за „Плетара МК“ се роди сосема спонтано. На почетокот плетев ташни само за своја душа и од љубов – тоа ми беше хоби. Ги подарував на роднини и пријатели, а нивните позитивни реакции ми дадоа дополнителна мотивација.

Мојата внука беше таа што одлучи да го дигитализира целиот процес и да им ги покаже моите изработки на луѓето, најпрво во Битола, а потоа и низ цела Македонија. Така започна нашата приказна.

Денес, благодарение на Фејсбук и Инстаграм, нашите ташни патуваат во сите делови на Македонија – Радовиш, Струмица, Скопје, Дојран, Дебар, Куманово и многу други градови. Засега немаме испорака надвор од земјата, но нашите иселеници со голема радост ги нарачуваат и ги подигаат кога доаѓаат во Македонија.

Она што особено ме радува е што сè повеќе млади луѓе покажуваат интерес да научат да плетат и да создаваат прекрасни рачни изработки. Меѓу нив е и мојата внука Сара, на која искрено се надевам дека целосно ќе успеам да ѝ го пренесам моето знаење, искуство и љубов кон овој занает. Тоа би било најубавото продолжение на приказната што јас јас започнав пред многу години.

Кога рачната изработка станува уметност - приказната на македонскиот бренд „Плетара“