Медиумската писменост е наша одбрана од лаги и манипулации
Во дигиталната ера, кога секој може да објави „вест“ со еден клик, способноста да разликуваме вистина од манипулација е поважна од кога било. Особено за младите, кои најмногу се информираат преку социјалните мрежи, медиумската писменост е клучна животна вештина.
Павел Николоски од Прилеп, учесник во проектот Младинска медиумска лабораторија разговара со новинарката Емилија Мисирлиевски за тоа што значи да се биде медиумски писмен, како да препознаеме лажна вест и зошто училиштата мора повеќе да вложуваат во медиумското описменување. Таа им испраќа важна порака на младите: „Не верувај веднаш! Провери, размисли, прашај!“
-Што значи медиумска писменост?
Емилија Мисирлиевски: Медиумска писменост значи да знаеш како да се снајдеш со се што гледаш, слушаш или читаш на интернет или на телевизија… Тоа е вештина што ти помага да разбереш дали нешто е вистина или лага. Кога си медиумски писмен не веруваш веднаш на се, туку размислуваш, проверуваш и си поставуваш прашања. Врз основа на факти заклучуваш што е вистина, а што не е.
-Зошто е важно ние младите да знаеме да препознаеме лажни вести?
Емилија Мисирлиевски: Затоа што младите најмногу користат социјални мрежи каде често се појавуваат лаги и манипулации. Ако не знаеме да ги препознаеме, може да веруваме во нешто што не е точно, или , уште полошо, да го споделиме и да ги излажеме и другите. Сакаме да бидеме паметни корисници, а не лесна мета.
–Кога Вие првпат се соочивте со дезинформации во вашата работа?
Емилија Мисирлиевски: Не се сеќавам точно кога првпат сум се соочила, веројатно одамна, но дезинформациите ги имало и ќе ги има. Мислам дека бев изненадена затоа што сериозен медиум објави драматична вест за пожар во фабрика во еден наш град, ама немаше новинар на местото на настанот, а беа објавени некои снимки. Се рашири брзо, а луѓето почнаа да веруваат. На крајот вистината беше дека пожарот е во фабрика, но не во Македонија, туку во град со слично име во Србија. Тогаш сфатив колку е важно да се провери секоја информација пред да се сподели.
Фотографии: Приватна архива на Емилија Мисирлиевски
– Како можеме да ги разликуваме вистинските од лажните информации на интернет?
Емилија Мисирлиевски: Прво, провери кој го објавил тоа, дали е вистински медиум или некоја непозната страница. Второ, погледни дали и други медиуми ја објавиле истата вест. Трето, внимавај на насловите. Ако звучи премногу шокантно или скандалозно, најчесто тоа е вест за кликови.
-Кои типови на лажни вести најчесто кружат на социјалните мрежи?
Емилија Мисирлиевски: Најмногу има теории на заговор, лажни здравствени совети, лекови кои лечат секакви болести, потоа лаги за познати личности и многу често ќе сретнете политички манипулации. Таквите вести често изгледаат убедливо, ама ги немаат сите елементи на професионлано создадена информација.
–Дали некогаш сте биле мета на дезинформации? Како реагиравте?
Емилија Мисирлиевски: Да, ми се случи пред повеќе години, на моја проверена вест, од кабинетот на еден наш висок функционер, да ја демантираат веста, а во демантот да испратат навредливи квалификации за мене и тврдење дека пласирам неточни и тенденциозни информации, што секако не беше вистина. Преку медиумот во кој што работам јавно го демантирав тоа, се спротивставив на таквите напади, се разбира со презентирање на докази за веста која ја објавив. Најважно е да не молчиш кога некој шири лаги за тебе.
–Што да направиме кога ќе препознаеме лажна вест?
Емилија Мисирлиевски: Прво, не ја споделувај! Ако е на социјалните медиуми, пријави ја таа лажна вест. Потоа зборувај со пријателите, кажи им зошто е тоа лажно. Кога сме информирани, можеме да си помогнеме еден на друг.
Како можеме да научиме да размислуваме критички додека читаме вести?
Емилија Мисирлиевски: Секогаш прашувај се: Кој го пишува ова? Дали има докази? Дали ова звучи реално? Дали е балансирано или само една страна е прикажана? Кога размислуваме критички, не дозволуваме лесно да не излажат.
Колку е тешко денес да се биде новинар во време на лажни вести?
Емилија Мисирлиевски: Денес е многу потешко да си новинар, бидејќи има премногу информации и луѓето понекогаш не знаат кому да веруваат. Дури и кога ќе напишеш вистина, некој ќе те обвини дека лажеш. Затоа е важно да работиш чесно, да проверуваш сè и да не се откажуваш. Иако е тешко, вреди.
Фотографија: Приватна архива на Емилија Мисирлиевски
Како Вие проверувате информација пред да ја објавите?
Емилија Мисирлиевски: Секогаш проверувам од повеќе извори – не само еден. Разговарам со луѓе кои биле сведоци, барам официјални податоци, документи, и внимавам информацијата да има „доказ зад зборовите“. Понекогаш тоа значи да потрошиш многу време, но вистината го заслужува тоа.
Дали училиштата треба повеќе да не учат за медиумите и нивното влијание?
Емилија Мисирлиевски: Да, дефинитивно! Како што учиме математика или македонски, така треба да учиме и како да ги разбереме медиумите како влијаат врз нас, како некои обиди за влијание може да бидат опасни. Тоа е важна животна вештина. Медиумската писменост е наша одбрана од лаги и манипулации.
Павел Николоски
Интервјуто насловено како „Медиумската писменост е наша одбрана од лаги и манипулации“ е реализирано во рамките на проектот „Младинска медиумска лабораторија“ во чии рамки млади од Битола, Прилеп, Ресен, Крушево, Могила и Новаци низ серија обуки и менторска програма ги зајакнуваа своите капацитети во областа на медиумската писменост и учеа да продуцираат одговорни медиумски содржини.
Проектот го имплементира граѓанската организација „Граѓански Патеки“ во партнерство со здруженијата „ИКТ Свет“, „Журналист“, „Од млади за млади“, „Младинска Граѓанска Акција“ и „Еко герила Преспа“.
Активностите се спроведуваат во рамките на регионалната програма „Нашите медиуми: Акција на граѓанското општество за поттикнување на медиумска писменост и активизам, спротивставување на поларизацијата и промовирање на дијалогот“, која се имплементира со финансиска поддршка на Европската Унија од партнерските организации СЕЕНПМ, Албанскиот институт за медиуми, Медиацентар Сараево, Советот за медиуми на Косово, Црногорски институт за медиуми, Македонски институт за медиуми, Новосадската школа за новинарство, Мировен институт и Бианет.