По повод патрониот празник на основното училиште Стив Наумов во Битола, се одржа свечена приредба во големата сала на Центар за култура Битола под мотото:,,Стив Наумов заслужува спортска сала!”
Имено ова основно училиште навистина е позитивен модел за современо и модерно општество. Наставниот кадар со комплетна посветеност и љубов кон својата работа, ги едуцира и образова учениците. Со желба и надеж да станат идни академски граѓани на нашата држава, тие целосно се вложуваат. Преку современ пристап, сé повеќе и континуирано се вложува во подобрувањето на условите во Стив Наумов. А токму тој беше поводот за еден актерски перформанс на учениците. Имено стануваше збор за посебен апел акцентиран и од целокупниот наставен кадар:,,Стив Наумов заслужува спортска сала! “
,,Разбуди се” имаше можност да биде дел од сценариото и подготовката на последната точка. Заедно со учениците уживаше во ткаењето на една емотивна приказна што гласно ги искажа детските желби, соништа, посакување.
,,Мораме да ги пофалиме учениците. Премногу одговорни, искрени и со длабоко веруваење кон она што го работевме. Целта е подигање на свеста околу прашањето за изградба на спортска сала.” Ќе забележат Марјан Ѓоргиевски и Елена Трпковска Наумовски, режисери на краткиот перформанс, дел од приредбата.
-Се надевам дека пораката ќе допре до сите институции и она што заслужува нашето училиште ќе добие модерна спортска сала. Ако нешто е чисто и искрено на овај свет, тоа е детската насмевка, а таа насмевка се добива со работа со ветувања кои ги остваруваме. – ќе забележи директорот Никола Пискачев, човек кој навистина дава сé од себе за подобрување на условите во училиштето.
На присутите им се обрати и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, кој им го честита патрониот празник на учениците и наставниот кадар и нагласи дека целосно го поддржува мотото под кое се одбележува патрониот празник. Коњановски во својот говор истакна:,,Верувам дека ваквиот начин на работа посветен на нашите најмлади ќе овозможи подобри услови за настава и физичка активност на учениците.”
Преку инвентивни решенија и креативност училиштето дише во едно. Изненадени сме од нивните идеи, иницијатива за подобро утре и будење на општествената свест и одговорност. Како интернет портал и ние сме насочени кон будење на свеста околу културата, уметноста, спортот и ги поддржуваме ваквите настани. Така оваа вест, заслужи да биде дел од нашите содржини и гласно ја поддржуваме иницијативата.
Крајно, би поентирале: ,,Ако сакаме нешто да промениме кај децата, треба прво да провериме дали тоа нешто треба да го промениме и кај нас самите!”