И најдобрата копија не може да не емитува! Ни мене, ни тебе!
Ако зборуваме биогравски има многу да раскажеме. Ако пак зборуваме автобиогравски, имам уште повеќе. Ама ајде да не ја тегниме работата и да досадуваме со его. Во мое или твое време. Во наше или ваше. Целосно сме воздржани од таа бесконечна егоцентрична и суетна пракса на генерацискиот јаз.
Може ли да ме имитирате? Ве имитирам ли јас? Можеби. Свесно или несвесно. Ама зошто? Најголемиот успех е да постигнеме да бидеме свои. Да успееме да се измислиме без најмалку да личиме на друг. Да успееме да бидеме сами без да ни е досадно и без да бидеме нечија копија!
Често ми велеа: Измисли нешто ново! И замислете, можеби тоа и не е толку лоша критика.
Всушност и критиките имаат две страни. Конструктивна и деструктивна. Или сакаат да те уништат или да ти помогнат. Ама никогаш не можат да те измислат. Тие бараат, ти правиш. Но, и за тебе. Не само за нив.
Во хаосот на светов, во цел овој навидум розов феик или црно и малку помалку црно, лежат оригиналите. Никој никого не може да замени. А и не може да ми земете и украдете колку што можам да создадам.
Пишувам откако знам за себе. И тоа не го сфаќам како некој талент, ами порив, олеснување, дури и порок. Го сфаќам како да сум добила на покер оти можам да го исфрлам гнилото или суровото или сето она што боли. (а обично се пишува кога боли. Од таму е покер. Коцка. Порок. Кога најповеќе боли, пишуваш, кога те мразат, кога ги болиш, кога те болат. Кога умираат, кога им умираш, кога ТИ умираш. Пишуваш кога ти се плаче. Кога те молат, кога молиш. Кога им се одмаздуваш, кога чувствуваш напад. Само во два моменти не пишуваш. Кога ти е досадно и кога немаш време. Кога сонуваш, пак исто така пишуваш. Затоа што сонуваш за што ќе пишуваш) . А ЈАС? Епа луѓе да, отсекогаш сум сонувала. Можда на некој тоа им пречи, можеби им сум трн во око, но јас сонувам и за нив! Сонувам дека можеби и тие сонуваат!
Колку би било само убаво ако тие сонуваат соништа наместо да ме сонуваат мене!
А знаете, реткост е да можеш да бидеш слободен. Реткост е да замислиш слобода, а пак камоли да можеш да ја имаш, без да бидеш нечија копија! Да можеш да ја создаваш! Јас можев, можам, ќе можам. Се дури не добијам „burnout“. А не оти и тоа не ми се има случено. Сум паѓала во несвест, ме болела глава, ми велеле да одморам. Да не пишувам, да не мислам! Искрено, не мислам дека мислам. Како автор, сметам дека сме само некој проводник. Како да некој друг ти ги движи рацете, а единствено нешто кое што го правиш, а го напрега твојот ум, е тоа што мозокот му дава команда на рацете. Упорно ме советуваа да направам пауза. Не направив. Не ги послушав, не ме послушаа! Покер е бе луѓе! Како можам да си одам во најјакото!
…И брутално реално, кога бев келнер сум добила поголем хонорар. Иако дури служев гости, пишував колумни на лап топот од каде им пуштавме музика на богатата снобовска клиентела и им правевме амбиент. На уметникот не му требаат пари. Писателот е слободен и уште само со фактот дека пишува. А вам ви требаат пари за да се ослободите или што? Дали мислите дека тоа е така? Дали би можеле да ја купиме таа слобода?
Ама во овој свет се лета и со камења над крилата и не мислиш дали ќе паднеш. Муабетот ми е, можеш да леташ и колку и да си тежок. А муабетот ми е уште еден.
Не трудете се да бидете нечија копија. Секој знае колкав товар носи со себе. Колку и да изгледа лесно, можеби вам ќе ви биде тешко. Можеби уште полесно. Можеби ќе одморите во мојот ум, но мое е да предупредам. Поголема е веројатноста дека ќе се уморите. Без осудувања и ништо лично. Затоа се ставам и во обратна позиција. Прашањето е:,,Ако јас сум негативец во вашата приказна, што барате да бидете ЈАС!?“ Тоа е тортура! Мачење! Бидете оргинал и ако сте се скршиле, не е страшно. Всушност има и цела философија околу тоа. Се вика Кинцуги. Не знам дали сте слушнале, но истата вели:
,,Судбината на сите работи е тие еднаш да се скршат и не е толку страшно да се биде скршен или оштетен. Сите имаме лузни во текот на нашите животи, но тие лузни никогаш не треба да се кријат. Нашата несовршеност може да значи раѓање на нешто ново“ Имено реченицава е на Хироки Кијокава, а типов е реставратор од Кјото. За оние кои не знаат, (а и од каде да знаат), Кинцуги е древна јапонска уметност за поправка на скршена или оштетена грнчарија. Кијокава веќе 45 години се занимава со кинцуги и им го продолжува животот на предметите така што ги спојува со лак. Реставраторите на керамика стануваат симбол на нежност, сила и убавина. Тешко ли е да го направиме тоа?
Залепете го она што е ваше. Моите парчиња се дел од мојот мозаик кој се трудам одново да го родам, макар и како негативецот во вашата приказна. Бидете оригинал во овој свет на копии! Затоа што и најдобрата копија не може да ме емитува! Ни мене, ни тебе!
Пишува: Елена Трпковска Наумовски