Врачена наградата „Прозарт“ на словенечкиот писател Драго Јанчар
Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ на 19 ти септември , вечерта, во Даут-пашиниот амам, му ја додели и врачи наградата „Прозарт“ на словенечкиот писател Драго Јанчар кој се обрати до публикумот со следниве зборови:
„Ние му пркосиме на историското време и ја исмеваме човечката комедија или сочувствуваме со човечката трагедија. Но, истовремено знаеме дека не можеме да промениме нешто суштинско. А сепак, продолжуваме да пишуваме , бидејќи така сака нашата желба за пишување. И понекогаш му помага на некој читател, нема да речам да живее, туку да ги разбере човечката страст, тага, радост и заблуда.“
– Стварноста е многу убав материјал за работење во оваа земја. Толку долго сме во транзиција, што не можеме ниту да живееме, ниту да твориме како што сакаме. – рече македонската авторка Снежана Младеновска – Анѓелков, пренесува vecer.press
Меѓу другото, годинешниот лауреат , Драго Јанчар, исто така, со своето учество на тркалезната маса на тема „Литературата како (де)конструкција на стварноста“ која се одржа во рамките на 11от Интернационален литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ во Europe House во Скопје, даде интересна компарација во врска со влијанието на литературата и на имагинарниот свет преку творештвото на Габриел Гарсија Маркез:
–Зошто му веруваме на Маркез кога во неговите дела се случуваат најневеројатни нешта?! Сепак му веруваме. Во еден роман употребив дел од вистинска приказна – историски документ за нешто што се случило во 1044 година , на крајот на Втората светска војна . Предизвика такви реакции во јавноста , сите мислеа дека сѐ е вистина, а всушност 80-90 отсто, јас измислив. Во фактографијата вметнав имагинација. Луѓето секогаш му веруваат на литературата. На тој начин се создаваат нештата – се деконструираат и пак се враќаат на реалноста. – рече Јанчар.