Неодамна излезе од печат и беше промовиран новиот роман „Flos Populi - Цветот на луѓето“ од Марија Т. Тасеска.

Промоторки беа Магдалена Сајкова и Даниела Јовановска, а многубројната публика освен во зборовите, уживаше и во коктелот и дружењето по промоцијата.

Flos Populi е роман со повеќе слоеви, инспириран од вистинско цвеќе што авторката го добила како подарок и од него сфатила дека кога цвеќињата се во несоодветна почва за нив - огрубуваат, им се појавуваат боцки и се непријатни бидејќи цела енергија ја трошат само за да не овенат, додека па кога се во соодветната почва - растат, цветаат и го разубавуваат светот околу нив - исто како луѓето.

Магдалена Сајкова ја истакна бајката за возрасни што е и почетокот на книгата и како што кажа, почетокот на романот е всушност ,,бајка што ретко се сретнува во книжевноста". На уникатен начин им ги претстави ликовите на публиката од книжевен аспект и ги разлиста многубројните слоеви од кои е изграден целиот роман. Ги прошета читателите низ деталните описи на суптилните симболи што ги будат сензорните сетила кај читателите како што е и „зелениот мантил“ преку кој Ангела уште живее со мирисот на мајка ѝ. Исто така, Сајкова ја претстави Марија како родокраен автор поради сите места во книгите кои ги принудуваат читателите од Битола веднаш да си ги оживеат настаните низ уличките и објектите во својот град.

Според Даниела Јовановска „постојат книги кои ги читаме за да побегнеме од реалноста, за на кратко да заборавиме на грижите и да отпатуваме во некои далечни, нестварни светови. Но, има и еден поинаков, поредок и похрабар вид на книги. Книги кои дејствуваат како огледало. Кога ќе ги отворите, во нив не гледате туѓи, измислени животи, туку ја гледате сопствената реалност. Ја гледате сопствената чаршија, сопствените стравови, сопствените непроспиени ноќи и онаа тивка, секојдневна борба што сите ние ја водиме. А „Flos Populi“ е токму таков роман.“

Додека претходните романи на Марија - „Рок на траење“, „Синот на свештеникот“ и „Ангел чувар“ даваат некои насоки и одговори за животот, „Flos Populi - Цветот на луѓето“ отвора прашања и не нуди ништо конкретно, туку им остава на читателите самите да ја одберат вистината во која ќе веруваат.