Книга
ПРОФ. Д-Р ДАНИЕЛА АНДОНОВСКА-ТРАЈКОВСКА ДОБИТНИЧКА НА НАГРАДАТА „ДАНИЦА РУЧИГАЈ“ ЗА 2026 ГОДИНА ШТО ЈА ДОДЕЛУВА ДРУШТВОТО НА ПИСАТЕЛИТЕ НА МАКЕДОНИЈА
Проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска ја доби наградата „Даница Ручигај“ за 2026 година за необјавениот поетски ракопис „Синтакса на постоењето“. Жирито ја истакна уметничката зрелост, оригиналниот поетски израз и длабоките филозофски прашања што ги отвора делото.

На проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска за необјавениот поетски ракопис „Синтакса на постоењето“, на 26 септември 2026 година во просториите на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) ѝ беше доделена наградата „Даница Ручигај“ за најдобра необјавена поетска книга за 2026. Наградата се состои од плакета и објавување на книгата.

Образложението на жири-комисијата го прочита координаторката на конкурсот „Даница Ручигај“, м-р Елизабета Јончиќ според кое „’Синтакса на постоењето’ од Даниела Андоновска-Трајковска се издвојува со спојот на реалното и ониричното, како и со внимателно изграден поетски јазик со изразена семантичка густина. Самиот наслов на книгата е нетипичен и функционално клучен за нејзиното читање: нè воведува во онтолошкиот простор на човековото постоење и во неговите внатрешни закономерности. Поетскиот свет на книгата се гради преку контрасти и парадокси, со чие посредство авторката ги отвора прашањата за човекот, неговото постоење и потрагата по смисла. Токму во единството на тематскиот слој, поетскиот јазик и специфичната имагинативна структура, Комисијата ја препознава вредноста на ракописот и причината поради која му ја доделува наградата „Даница Ручигај“ за 2026 година.

„Во ракописот ‘Синтакса на постоењето’ од Даниела Андоновска-Трајковска се отвора вечната борба меѓу доброто и злото, светлината и темнината. Поетесата го следи нивното присуство и дејствување низ времето, градејќи симболички свет во кој доброто се јавува како сила што му се спротивставува на злото и настојува да го потисне. Иако злото често настапува ненадејно и прикриено, маскирано во навидум безопасни облици и проследено со измама, доброто останува непоколебливо и го потврдува човековото настојување кон морално и достоинствено постоење“ – истакна Петре Димовски, претседател на жири-комисијата во својот осврт кон книгата.
„Збирката поседува уметничка зрелост, изграден поетски микрокосмос и јасно препознатлив авторски концепт. Ова не е лесна, ескепистичка поезија. Таа бара интелектуална ангажираност и подготвеност за соочување со темните слоеви на човекот и современиот свет. Таа е предизвик за читателот“ – истакна претседателката на Друштвото на писателите на Македонија, Гордана Јовиќ – Стојковска.
















