Оркестарот на КУД Далмација за Божиќниот концерт на Хрватскиот културен центар во Битола
Во Културно информативниот центар Битола, Македонско-хрватското друштво и Хрватскиот културен центар “Марко Марулиќ”, организираше Божиќен и предновогодишен концерт, кој ова хрватско друштво традиционално го организира секоја година на радост на љубителите на хрватската култура во нашиот град.
Овој пат гости од Хрватска беа оркестарот на КУД „Далмација“ од Дуги Рат. A во рамките на свечената програма беше претставена изложбата на Влахо Бранѓолица, „Каламота – светлина на крајот на кругот“, како и настапот на ученички од Државното музичко училиште од Битола.
„ Ова е продолжување на традицијата МХД “Марко Марулиќ“, изјави Бранко Маретиќ, претседател на Хрватскиот културен центар.
Во публиката како и на секоја манифестација имаше Хрвати кои живеат во Битола, но и битолчани кои ја почитуваат хрватската песна и култура. Пред присутните се обрати и директорката на КИЦ, Лили Бошевска која ја поздрави оваа македонско хрватска соработка и ја истакна радоста што со претставниците од Дуги Рат се запозна ова лето со посетата таму, при која беше воспоставена соработка и помеѓу Битола и Сплит.
КУД „Далмација“ има долгогодишна соработка со Хрватскиот културен центар Марко Марулиќ Битола.
„Голема чест и задоволство ни е што сме тука и што презентиравме нешто од нашата програма. Морам да напоменам дека сме воодушевени каква акустика има овој простор. Знам дека битолската публика ги сака нашите песни. Tака, ние со задоволство ја прифативме поканата да настапиме овде“, истакна Анте Раљевиќ, претседателот на КУД Далмација.
Тие со своите изведби ја збогатија културната манифестација во Битола. Манифестациjа која секоја година се организира по повод претстојните божиќни и новогодишни празници. Во Битола се претставија со далматински и божиќни песни.
Изложбата „Каламота- светлина на крајот на кругот “ од Влахо Бранѓолица, е посветена на неговиот татко. На истакнатиот македонски композитор Љубомир Бранѓолица кој оваа година почина. Изложбата е подготвувана скоро 15 години.
Во програмата исто така во чест на Љубомир Бранѓолица беше и настапот на ученичката Матеа Стојаноска. Имено таа е во класата на професорката Маја Митровска, во придружба на проф.Доминика Робе Поповска, од Државното музичко училиште. Се изведе неговата композциија „Езеро мое“.
Покрај одржувањето на овие концерти, одбележувањето на хрватските празници, Хрватскиот центар секоја година организира презентирање на македонските уметници и групи во Хрватска.