По повод Денот на Хрватскиот Парламент, во Битола во Центарот за култура беше изведена претставата „Жаба“ на Сатиричниот младински театар од Славонски Брод, Хрватска.
Гостувањето на овој театар беше во организација на МХД. Хрватскиот културен центар „Марко Марулиќ“, Битола, во соработка со општина Битола и Центарот за култура.
Претставата е базирана на текстот на Дубравко Михановиќ.
Дубровко е повеќекратно наградуван, преведен и изведен текст, а 19 години по неговото создавање е подеднакво актуелна приказна за препознатливи луѓе на кои им е тешко да се приспособат на времиња на искривени вредности. Премиерата на истата беше во април оваа година. Во претставата играат:Иван Кнежевиќ, Славко Радовановиќ, Морено Мијатовиќ, Силвио Стилиновиќ, кој воедно е и режисер на претставата.
„Кога сите малку повеќе би го работеле она што и ние, она што и Хрватскиот културен центар го работи и сите вие во Битола, бидејќи ние тука одлично секогаш се чувствуваме, кога сите повеќе би работеле на тоа културно поле, би било се поинаку.
Културата ги зближува луѓето. Сосема поинаков би бил погледот на светот кога луѓето би се натпреварувале во убавината на пишаниот збор. Во зборовите воопшто, театарската уметност, а помалку да размислуваат за тоа кој на кого ќе му постави препрека“, изјави режисерот.
И претседателот на Хрватскиот културен центар, Бранко Маретиќ се согласи со констатацијата на режисерот Стилиновиќ.
„Точно е тоа. Културата е поле каде паѓаат сите бариери.Благодарение на културата луѓето се зближуваат помеѓу себе, ја запознаваат културата на народите. Затоа и ние преку овие културни настани го зачувуваме хрватското културно наследство. Воедно и идентитетот на еден народ“, изјави Маретиќ.
Програмата на Хрватскиот културен центар е направена да ја поттикне меѓународната јавност да се запознае со хрватското културно наследство. Со хрватскиот јазичен идентитет, хрватската историја.Овој настан е дел од таа програма. Културните посети и соработки траат повеќе години. Следната година се одбележува јубилеј од 30 години на организирање изложби, концерти, театарски претстави, промоции на книги, предавања, се со цел да се претстави и запознае македонската јавност со богатата хрватска култура и традиција.
Инаку, Сатиричниот младински театар, постои од 2006 година. Добитници се на многубројни награди во Хрватска, но и на фестивали надвор од неа. Како што велат самите актери- за нас наградите се доказ дека сме на вистинскиот пат за она што го работиме. Сатиричниот театар со право може да каже дека со своите претстави, културното значење и просторот што го отвора за младите и љубителите на театарот е еден од столбовите на општествениот живот на градот Славонски Брод.
Оваа година Хрватскиот културен центар беше организатор на повеќе значајни манифестации, иницијатор на потпишување на Меморандум за соработка помеѓу КИЦ Битола и Мултимедијалниот културен центар од Сплит, организатор на турнејата на КУД Илинден во Хрватска, учесник на меѓународни конференции и семинари и сл.