„За мене барем со сигурност може да се каже дека ќе оставам нешто зад себе. Тука се моите песни, книги, улоги…така што не се секирам многу многу за бесмртноста. Тоа е и желбата на секој вистински уметник…“ – рече маестро Игор Џамбазов во нашето интервју.
Големо искуство, безброј приказни, многу животи во еден. Големо уметничко име, вистински шоумен, маестро и човек кој неуморно се бори против кичот, шундот, плејбекот и турбо-фолкот. Човек кој навистина остави белег на македонската музичка, театарска сцена. Добро сме запознати со неговата музичка приказна, а богами и животен уметнички опус. Маестро Игор Џамбазов во градот на конзулите и боемџиите!
Концертот ќе се случи на 15ти Декември во Центарот за Култура во Битола, а ние како урбан град кој сеуште дише во име на уметноста, ќе уживаме во уште една музичка сензација.
Секако придружуван од неговиот долгогодишен соработник и блуз-соборец Гуру Харе, битолската публика ќе има можност да ги слушне најголемите хитови како: „Диши длабоко“, „Да си жив и здрав“, „Каква е оваа ситуација“, „Скопјанец в Битола“, „Скопје – Сарај – Матка“, „Племето и семето“, „Фотографија“, „Време за плачење“, „Хотел Македонија“, „Во бестрага“ како и материјалот од новиот албум „Првите триесет“.
Во продолжение, во име на претстојниот концерт, прочитајте го нашето интервју кое беше меѓу првите што го разбудија нашиот медиум и како за аирлија, муабетот оствари приказна што долго ќе си ја паметиме.
ИНТЕРВЈУ СО МАЕСТРО ИГОР ЏАМБАЗОВ: „ЗАД ПЛАНИНАТА ИМА УШТЕ МНОГУ НЕДОРАСКАЖАНИ ВИСТИНСКИ ПРИКАЗНИ!“