Маестрален, извонреден мултиталентиран. Најзвучното име на македонската сцена. Шоумен, актер, музичар. Маестро Игор Џамбазов – уметничко име и пред сѐ човек со големо срце и позитивна енергија.
…И дури дишеме длабоко во поле широко, си направивме муабет со маестро Игор, а како течеше нашиот разговор прочитајте во редовите што следат.
Разбуди се: Игор ти си енциклопедија. Зад себе имаш искуство што руши бариери, поместува граници. На,, Ти” си бил со ѓаволот и шток си пиел со анѓели. За публиката си бренд. Патентирано оригинално уметничко име кое нѐ смее и не може да го замени и најдобрата копија. Како е да се биде во твојот,,костим”?
Игор: Е убаво е да си во мојот костим. Особено сега, особено овие денови. За две недели полнам 60 години, и еве прилика да ги известам сите душмани дека немам намера да застанам, хехехе…Костимот што го носам е истиот, со години, само што често го пресоблекував, па облекував некоја нова гардероба, чисто за да видам и почувствувам како е да бидеш во туѓа кожа. Тоа се дилеми и трилеми што ги има секој актер, секој уметник воопшто.
Разбуди се: Како успеа да го ,,измислиш” Игор Џамбазов, најголемиот шоумен на македонската, а и балканската сцена? Му веруваш ли нему или сеуште скокотка уште еден ,,инер” кој кај секого постои? Или приказната е покомплицирана како што умешно ни си ја раскажал во твоите книги?
Игор: Игор Џамбазов го измислија Анче и Ацо, неколку денови пред катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје во 1963 година. Растен и воспитуван во соцреалистички дух, а гените само си го направиле своето. Да, од оваа перспектива, јас слепо му верувам на сегашниот Игор Џамбазов. И морам да ти кажам дека ми пречи тој „инер“ како што ти го нарекуваш. Јас го викам ѓаолот во мене. Тој ни ора ни копа, ама понекогаш сака да излезе на дневна светлина. Уметноста е во тоа да не му дозволиш да го направи тоа. Јас мојот ѓаол го имам истренирано, и не му давам повеќе да си игра со мене. Доста беше…
Разбуди се: НОВ ЧОВЕК? Љубовта постои или не? Уметноста е љубов или љубовта е уметност? Што има зад ,,планината”? Има ли уште од приказната?
Игор: Хаха… токму така според татко ми Џамбаз требало да се вика мојата следна книга. Демек после Гол Човек, дојде Облечениот, па Умрениот, и на самиот крај Новиот човек. За моја среќа зад планината има уште доста. Уште многу недораскажани приказни. Вистински. Оние што навистина ми се случиле. И имам ли потреба да измислувам нови, покрај толку многу стари, добри, а нераскажани?
Разбуди се: „Сабајлево решив да стапам во сериозна врска со себе. Попладнево сам себе се оставив.“ А знаеш ли да дишиш длабоко и имаш ли поле широко? Што те повредило најповеќе, а кога си бил најсреќен?
Игор: Најсреќен бев кога пред три години ме примија во Планинарското друштво. Тогаш бев најсреќен. И нормално, најмногу ме повреди фактот дека преку ноќ ме отпишаа од Планинарското. Инаку да, дишам длабоко се уште, и имам неколку широки полиња пред кои застанувам и им се восхитувам на убавината и на вечноста…
Разбуди се: Што е со Македонија? Будни ли сме?
Игор: Будни сме ние одамна, само бавно ни оди станувањето од кревет. Будни сме колку што е буден гимназијалецот кого мама го буди за на школо, а тој нема намера да стане од што му се спие. Е наша Македонија е таква. Поспана и незаинтересирана самата за себе. Еден од моите омилени слогани кој често го користам, особено во последно време гласи: „Македонијо, прибери се“…
Разбуди се: Иднина или минато? Би бил старец во твојата младост или млад човек во староста? Лично, често се шегувам на она: ,,Да ти ги имам годините, но паметот да ти го немам!” Од мој аспект, би рекла, што ќе ми е памет во тие години?
Игор: Е уште да немам памет на овие години…хахаха…и навистина бев старец во младите години. Веројатно сакав побргу да пораснам, па не почувствував баш многу од детството. Затоа денес не ретко го повикувам детето во себе. И тоа ми успева, за среќа се уште…
Разбуди се: Кои се денешниве млади? Солуција? Чаре? Имаме ли проблем?
Игор: Денешните млади за жал ќе бидат запаметени како припадници на една „изгубена генерација“ која не гледа подалеку од својот мобилен. Верува во сѐ што ќе прочита во телефонот, но затоа не знае кој е Крсте Петков Мисирков, што направил Војдан Чернодрински, кај се ноаѓа Радовиш, и кој е највисок врв во Македонија. Ако не се превземе нешто сериозно во сферата на образованието и воспитувањето на децата, проблемот ќе остане и за следните генерации.
Разбуди се: Се каеш?
Игор: За што? Хахахаха…трик прашање. Ако кажам дека не се каам, ќе излезам бесчувствителен идиот. Ако пак кажам дека навистина се каам, никој нема да ми поверува. Затоа, одговорот на твоето прашање е: „Јас си знам…“
Разбуди се: Велат дека актерот, музичарот, уметникот никогаш не умира. Неговите дела остануваат. Често се судирам со одговори… Живот, бесмртност или „пензиичка“ и толку? Има ли граници и ,,цензура” сето ОВА?
Игор: За мене барем со сигурност може да се каже дека ќе оставам нешто зад себе. Тука се моите песни, книги, улоги…така што не се секирам многу многу за бесмртноста. Тоа е и желбата на секој вистински уметник. А пензиичката е блиску, уште само 4 години. А после тоа, ни граници, ни цензура ми можат нешто…
Разбуди се: Љубов на прв џез! Објасни им… Те молам.. За блузот, џезот.. Ти и Харе. Какви бевте, кои сте и кон што стремите?
Игор: Харе и јас сме една чиста и искрена приказна. Оваа година прославуваме 30 години од нашата професионална дружба, од нашата прва заедничка песна „Да си жив и здрав“ со која и почнува албумот кој го снимавме во последните неколку месеци, и се вика „Првите триесет“. Демек години, заедно со Харе. На него има 17 сонгови кои со Харе сме ги направиле низ годините. Сакавме да оставиме документ за нашата вековна борба против кичот, шундот, плејбекот и турбо-фолкот.
Разбуди се: „Дебела сенка“ е твоето последно музичко остварување. Како што кажавме во нашиот текст, брутално нѐ потсеќаш на суровата реалност, на она што го живееме и го молчиме, на она круциално, а за нас толку небитно, за жал ирелевантно. Што не мачи и кои се нашите стеги? Како се создаде овој текст, зборовите се бирани, вешто измонтирани, изрецитирани или…? Спонтано или смислено?
Игор: Текстот е напишан уште 2019 година. Проблеми ме мачеа околу музиката, ритамот, мелодиската линија, рефренот..И затоа чекав „да си легне работата“. И си легна. Идеално. Дебела сенка треба да биде химна за “самосебеосвестувањето“. Или поточно за Ф.А.К. Фаталниот авто коитус во кој едноставно уживаме…
Разбуди се: Каде е сега Игор и што подготвува?
Игор: Како што кажав, ја подготвувам промоцијата на албумот „Првите триесет“, која всушност ќе е промоција и на моите брендирани маички со натписи извадени од моите песни, како и 20тото издание на мојата најпродавана книга „Гол човек“. Значи – три во едно. Албум, книга, маички. И вие битолчани можите да дојдите…хехехе…ве чекам. Ми беше мило шо си напраивме муабет…
… Така ни заврши разговорот со Игор, иако можеби нескромно, сакавме уште повеќе муабет… Можеби имаме уште многу прашања, кои веројатно си фаќале простор во глава па веројатно целиот живот. Аплауз и наклон до земја за најзвучното уметничко име – маестро Игор Џамбазов. Ни беше чест!
Пишува: Елена Трпковска Наумовски