Што кога децата сакаат нешто да кажат? Каква е нивната перцепција за нештата и што навистина сакаат тие? Се надоврзавме на ова прашање и дојдовме до една идеја. Зошто тие да не бидат Дедо Мраз? Зошто ние да не сме Дедо Мраз? Дали тој постои?
Но, од тука, си помуабетивме за тоа што всушност е Дедо Мраз? Секако, Лео како поголем искоментира дека Дедо Мраз не постои, но на неговото неверување одговорив:„ Дедо Мраз престанува да постои кога ти ќе престанеш да веруваш во него!“ И така моето интелигентно внученце ја разбра поентата на „нина“ и отворивме дискусија со овие тројцава мои новопечени глумци.
Отворено му раскажав дека прикзната за Дедо Мраз започнала многу одамна… „Тој бил еден стар човек- дедо кој му носел подароци на дечињата. Не постои дете што е лошо, но постои дете кое може да погреши и лошо да се однесува. Тој дедо ги потсетувал на таа идеја. Дедо Мраз ќе постои ако ти сакаш. Без разлика дали си голем или дете“ – му реков. Значи тој го претставува доброто? – Паметно си констатираа децава.
–
„Токму така. Тој стар дедо со бела брада е олицетворение на сè она што е добро. Не потсеќа да бидеме убави во душата, добри, да сакаме. Но, се не доаѓа туку така лесно, па затоа е потребно верувањето. Јас сум возрасна нина, но тоа не значи дека не верувам во Дедо Мраз“ – си признав кон него и децата кои умно ме слушаа, а можеби и кон себе. „Можеби мене тој познат човек со црвена капа нема да ми донесе играчки како вашите, но ќе ме направи со нешто среќна. Но, ако не верувам, ништо од сето тоа.“
Ахаа, значи кога велиме Дедо Мраз, мислиме на тоа да веруваме во доброто! – заклучија мудро овие моите индијанци, а од тука вешто им кликна идеја:
„Еј а зошто не снимаме видео што ќе биде поврзано со ова. На пример да делиме честитки низ Битола на возрасните… И со пораките да ги потсетиме за сето добро во овој свет. Да ги потсетиме дека не ти требаат скапи играчки за да ти биде убаво. Јас знам нина. Првата честитика ќе гласи: „Шири љубв!“ (Да се разбериме не дека после ова не сакаат играчки и не претеруваат во продавници со плачки и посакувања кон некои невозможни нешта и предмети со молскавични цени, деца се, тоа им е работа… Но, секогаш ќе се сеќаваат на оваа приказна. Приказната која ќе ги потсеќа што е вистинскиот избор. Секако, како родители, наше е да повторуваме… Хехе
Но, би ги убедиле само ако ние веруваме. Затоа, ова е апел кон возрасните. Каде е убавото и зошто толку лесно го забораваме? Зошто постојано чекаме да се случи чудо, а константно не веруваме во него? Каде се крие тоа дете во нас и дали можеби е време да го разбудиме?
Така и бидна. Подготвивме терен. Си ги викнавме овие мои верни пријатели Помеловци за снимање (шо патем салам ги спотнавме). Пријатели кои ме поддржуваат и во најлудите идеи, (кои реално често ги има) и си тргнавме на Широк Сокак. Дрон, камери, детски насмевки и возбуда, малку плачки, појќе смешки и испаничени мамички (јас како и секогаш). Но, најубавиот момент, беше што на идејата децата да бидат Дедо Мраз (на убавото), се приклучија уште многу палавковци кои уживаа во целиот процес на правење честитки и подарувањето од срце. Ок, можи и ние мајките тро ги малтретиравме за да зграпчиме убави кадри, ама во секој случај и во таа мала тензија има забава. Не е интересно без акција во животот нели? Во продолжение погледнете ги видеата и прочитајте ги честитките на нашите дечиња кои гласно апелираат: Љубовта љубов раѓа, а Дедо Мраз престанува да постои во тој миг кога ти престануваш да веруваш во него!
Понекогаш, убаво е и ние да бидеме тој човек и да се потсетиме на убавото! Да го разбудиме убавото и секако да играме на фреквенцијата: „Stay positive!”
Сè што е старо си заминува – заборави го, време е за нови почетоци!
Време е за највозбудливо поглавја од твојата приказна!
Во годината што доаѓа, сакај силно и од срце!
Шири љубов!
Ти си најубавата жена што сум ја видел во Битола!
Време е за мир! Доста се војни! Среќна Нова година!
Не познавам никој што го заслужува љубов повеќе од тебе!
Една насмевка може да реши многу проблеми!
Прегрни ме! Среќна Нова 2025!
Кога ќе си тажна помисли како те гушнав!
Сакај повеќе, биди здрава, и најубава како што си!
Ти се восхитувам на твојата мудрост и убавина!
Грст бакнежи за една најубава дама!
Ти си најважната личност! Подготви се за најубава 2025!
Започни од денес!
Лудувај, патувај, уживај во малите нешта!
Направи нешто лудо по што ќе ја паметиш 2025, нешто што е вредно за прераскажување…
Верувај, верувај, верувај!
Чуда се случуваат! Радувај се!
Зрачиш со оптимизам и среќа! Те сакам! Имај најубава година!
Оваа година би сакал чисти улици! Создај убаво место за живот за нас децата!“
„Внимавај со сообраќајните знаци! Сети се на овој разговор кога гледаш во црвеното светло од семафорот!“
„Ние децата не сакаме скапи подароци и луксуз! Сакаме само љубов!“
„Време е да се грижиме за животните и да им најдеме топол дом на скитниците. нека започне од тебе!“