Она што му пркоси на успехот, понекогаш знае да се нарече ЖИВОТ! Бев дете кога сите околу мене се фалеа колку знаеле за него. Тие сите беа обично некои „возрасни“ кои се правеа важни божем имаат поминато низ сито и решето. Ете тие стринки, баби, стриковци, тетки, знаеа да речат:,,Биди паметна! Биди послушна кога ти велиме!”
„Каде одиш? Колку ќе се задржиш? Имаш прашања? Престани да прашуваш, ти кажав!“
Потоа ,,малку” пораснав и почнав сама да го истражувам светот. Не ми беа важни ,,стринките” и никој дуг од возрасните. ,,Биди паметна” – си велев! – Биди паметна кога ти велам!
„Сѐ треба да искусиш! И тоа го проба? Засрами се!“
Подоцна создаваш пријателства, „вртиш“ во кругови, демек се социјализираш во малиот град и баш тие пријателиве, те потсетуваат на целиов урбан феик:,,Биди паметна! Биди паметна кога ти велиме!”
На залезот си од „тиин“… И ете ти ја политичката пeрманентна деморализација… Медиокритетот „стратешки“ е облечен во престиж и ти вели:
„Сонувај, мечтај, верувај во чуда!
А потоа се премислува:
Џабе ти е да сонуваш! Работи! Труди се! Како тоа само за тебе нема работа! Не се жали.“
Потоа сонував… Сонував и малку повеќе од тоа што беше дозволено и „ИЧ“ не бев паметна!
Тогаш успевав и успеав, кога еден ден, ете ти ги тие стринки. Пак, на ново се раѓаат. Како успеваат човече? Од сопствените клетки создаваат нови и стануваат анморс. Дел од вечноста. Катаклизмичен бум! Порано ги имаше седнати на камења, сега ти излегуваат и од телефони, од социјални мрежи, во постови, групи, ивенти. Во строфи, поезии, прози.
Сега ништо не е твое. Дури и она што ти е!
„Зошто не излегуваш? Излези, добро ќе ти дојде. Остани дома. Ќе мораш да размислиш. Ти не знаеш да мислиш! Престани да се трудиш! Мораш да се трудиш! Оди и прошетај го светот! А мислиш дека некаде е подобро од тука? Секаде е исто. Никаде не е како тука.“
Излегуваат како од бункери. Како нинџи. Како да твојот успех беше војна, а тие таму скриени молчеле. Потиснати, паааметни. Солидарно ти „продаваат пуфки“ и со чаша утринска ракија и црно кафе, од мугри ти предаваат некој извесен „егзистенцијализам“. И нема зошто? Нема „нема“. Има само „Мораш“. Мораш да мислиш така! Како небаре тие знаат дека со таа ракија ќе ја решат смислата на постоењето, смислата за опстанок. Како да го имаат клучот. Се ,,будиш” со нивната неделна „правосмукалка“ во 5 наутро, заспиваш со нивните рецепти се дури соништата ти банкротираат.
„А зошто плачеш?! Понекогаш е убаво да заплачеш, знаеш?! А зошто си пак сега плачка! Престани да се смееш, не е ништо смешно!“
И кога тогаш стринкиве со извесни вештини кои ни ги налага западов, а не знаењето (како што вели маестралниот Венко Андоновски во една колумна за Нова Македонија), ќе наметнат некоја судбоносна нелогична структура, пример, модел, начин на однесување или принцип и матрица од апокалиптична бездна.
…И ти мислиш дека сонуваш и дека продолжуваш да не си ИЧ паметна, ама ти ги украле и тие малку соништа. Малку, оти годините почна на ситно да ги броиш. Оти полека и ти стануваш стринка. А не сакаш. Но, кој те прашува тебе! Ти само биди паметна, послушна!
„Зар не ти се смачи да живееш сама со кучето и мачките? До кога така?“
Но, војната заврши и сирените стивнаја, а ТИЕ, еве уште ни бучат. Како феникс на канабис те трујат. Дури дишиш, дури не умреш… Бучат и брчат насекаде. Сигурно ги слушате и вие…
,,Омажи се, имај деца, биди домаќинка, зошто си сама? Ајде имај второ дете? Не ти е жал за едното? Си бара братче, сестриче? А зошто така го воспитуваш? А зошто му даваш нездрава храна? Аман де и што ако му дадеш кроасан! А зошто викаш? А зошто не викаш?
Не требаше да се омажиш! Ти можеше многу! Не си ти за во овој град, за во оваа дупка!
Омажи се, ама што ќе ти е свадба? Имај свадба. Голема. Со дебел кредит и беспотребни трошоци за убава маса. Да ја личи! Да не личи.
Облечи се убаво. Не мора толку да се дотеруваш!
Што пак ти знаеш за другите! Ти најубаво знаеш што треба!
Молчи. Не се надевај! Не вришти! Раѓај! Чисти! Имај кариера! Имај пријатели!
Љуби! Нема ,,аир” од љубовта! Што ќе ти е љубов!
Мислиш? Не мисли! Почни!
Здебели се! Ослаби!
Биди мајка! Не биди мајка!
Вежбај! Биди веган! Ти треба месо, протеини, ти треба енергија!
Не знаеш да медитираш! Мислиш толку е лесно тоа?
Седи дома! Излези! Каде ќе одиш?!
А колку пари те плаќаат? А тебе што ќе ти се пари? Што ќе ти е?!
Остави го! Зошто си сингл? Стој. Не заминувај. Не биди робот. Биди жена. Тешко е, ама биди жена!
Биди паметна! Биди паметна велат!
Штом се прашувам дали сум луда, значи не сум! Лудите не се прашуваат. Тие едноставно се луди.
Alea acta est – Коцката е фрлена. …Но, понекогаш треба да речеме „НЕ“. Затоа што тоа „НЕ“ знае да биде цела реченица!